ПРЕСИНГ | Година, 2017

Пресинг 31
fShare
13
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.33

ИНЖЕНЕРСТВО в.1.0

Понекогаш како инженери сме соочени со моралната дилема да одлучиме помеѓу зачувување на професијата и нејзините основни вредности или профитот. Изборот не е секогаш исклучив, но е длабоко егзистенционален за нас и нашата струка. Судејќи од досегашната практика, во која секој преседан се претвора во правило, се доведовме до состојба во која професионалниот интегритет и етика се ставени во втор план, а сопствениот интерес пред општествениот. оваа состојба е наша рефлексија, наш одраз и резултат на нашата апатичност и незаинтересираност да влијаеме
врз процесите и самите да ја обликуваме иднината.

Затворени со години во овој мал простор, егзистенцијално предизвикани, заборавивме на професионалните вредности, на убавината и благородноста во инженерството. Систематски преку популистички проекти се уништи секоја авангарда која размислува поинаку од главните директиви и мејнстрим
политики. Потфрливме во изградбата на вредносен систем според кој реално ќе се признава инженерскиот труд. Токму поради овие причини многу млади и едуцирани луѓе ја напуштаат земјава во потрага за подобра егзистенција. На подолг период тоа создаде сериозен дефицит на стручен и компетентен инженерски кадар со кој ќе се справуваме во годините што доаѓаат.

Со компјутерски речник може да заклучам дека оперативниот систем на македонското инженерство веќе подолго време е заразен од „вирус” кој
предизвикува сериозен „баг” во неговиот код. грешка која не дозволува да се унапреди (апдејтува), наместо тоа постојано го „ресетира” и на тој начин нѐ држи во еден затворен циклус враќајќи нѐ секогаш на почетокот. вирусот е резултат на долгата транзиција и компликуваните општествени услови кои оваа професија ја ставија во тотална хибернација, длабок сон. Сепак, сѐ уште не е сѐ загубено. Потребно е да се активира „антивирус програмата“ за да го прочисти системот и да се ослободи од вирусот. Комората треба да биде таа „антивирус програма” која ќе го обезбеди и заштити системот од секакви „вируси” и напади.

Извонредноста и квалитетот, што во минатото беа асоцијација за нашето инженерство, веќе не се, а ретки се поединците или фирмите кои сѐ уште можат да се носат со оние од регионот, а да не говориме за пошироко. Затоа главен императив треба да ни биде унапредувањето на македонското инженерство од основна (почетна) верзија 1.0 во повисока. На тој пат најпрво ќе треба да ја повратиме самодовербата, а потоа и загубената доверба во
системот. Само преку континуирани професионални обуки, усвојување на ценовник за инженерски услуги, предлагање на конкретни мерки за искоренување на нелојалната конкуренција, хармонизирање со европската техничка регулатива и други проекти, ќе помогнеме во подобрување
на состојбата. организирани преку Комората, заедно, можеме да го запреме ова разнебитување, тоа си го должиме себеси, но уште повеќе им го должиме на идните генерации инженери.

Доколку успееме да ги надминеме сопствените суети, во име на професијата, можеби и ќе имаме шанса. Сѐ зависи од нас!

Доц. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“