Пресинг 35
Печати

pdf iconПРЕСИНГ БР.35

 

ПРЕСИНГ - ВТОРА ГЕНЕРАЦИЈА

Oвa е последниот број на Пресинг подготвен од овој уредувачки одбор. По тригодишната соработка во овој состав од извонредни и талентирани луѓе докажани во своите професии и респектирани од колегите дојдовме до крајот. Посветено работевме со јасна визија која си ја поставивме пред себе да го подигнеме и унапредиме инженерството, а со тоа да ги доближиме европските практики и знаења до пошироката македонска инженерска јавност.

Во целиот период заеднички бевме во потрага по вистинските вредности во инженерската професија, а пожртвуваноста помогна да го претвориме Пресинг во едно модерно, содржински актуелно и визуелно прифатливо списание. Дали успеавме во тоа останува на вас, нашите драги читатели да процените. До крај останавме доследни на определбата за реално информирање за состојбите, новите техники и технологии. За ова говорат и темите кои беа обработувани во овој период, како што се: Иновативно инженерство, Одржливост, „Смарт“ технологии и инженерство, Мулти- и интердисциплинарност, Енергетска одржливост и ефикасност - Предизвик на нашето време, Зелената страна на инженерството и други.

За мене лично тригодишната работа во Пресинг е едно незаборавно искуство во кое стекнав нови пријатели, запознав извонредни инженери, експерти, иноватори, млади и талентирани како и искусни и реализирани професионалци. Со работата станав побогат за многу знаења, а ангажманот во Пресинг за мене претставуваше повеќе задоволство отколку обврска.

Заедно со овој одбор уредивме 15 броја со вкупно 187 написи на 1 022 страници кои го популаризираа Пресинг дури и во кругови надвор од професијата. Оттука, не е нескромно ако заклучам дека со својата работа уредувачкиот одбор ја одбележа втората генерација на Пресинг со значаен влог поместувајќи ги професионалните граници до едно повисоко ниво. Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на сите за професионалниот однос, отворените дискусии, а најмногу за индивидуалниот придонес во трите години на работа и дружба. Сакам да се заблагодарам и на раководството на Комората за довербата и досегашната несебична поддршка. Во надеж дека со еднаков ентузијазам ќе продолжи и новиот уредувачки одбор му посакуваме успешна и продуктивна работа. До некоe следно дружење во име на уредувачкиот одбор: Бојан, Зоран, Димче, Соња, Перо и Роберт ве поздравувам и ви посакувам успех во професијата!

 

Доц. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“