Пресинг 37
Печати

pdf iconПРЕСИНГ БР.37

 

АЛАРМ – ЗАГАДУВАЊЕ!

Воздухот, водата и почвата како основни елементи на секој екосистем влијаат врз квалитетот на животот, а нивното загадување може да доведе до сериозни здравствени последици. Нашата не грижа за животната средина и ниската еколошка свест како и институционалната нефункционалност направи загадувањето да биде наше секојдневие.

Состојбата со загадувањето на воздухот и високото присуство на ПМ-честичките е особено алармантна. Измерените вредности нè рангираат меѓу петте градови со највисоко загадување во светот. Спроведените истражувања јасно ги утврдуваат причинителите. Меѓу најголемите се вбројуваат фабриките од тешката индустрија кои веќе подолго ја одложуваат примената на филтри со што значително ќе се намали емисијата на отровни гасови и честички. Во време кога остатокот од светот ја зголемува примената на обновливите и еколошки извори на енергија, во Р. Македонија доминираат фосилните горива кои ослободуваат големи количини на јаглеродни гасови во атмосферата. Во зимскиот период користењето на дрвата и нафтата за загревање во домаќинствата предизвикува дополнително загадување, исто како и прекумерната употреба на моторни возила во недостатокот на ефикасен и еколошки транспорт. Индиректно влијание има и неконтролираната изградба и узурпирање на зелените површини спротивно на урбанистичките критериуми за минимум зелена површина и воздушно струење.

Eден од предизвиците на инженерството е да дејствува на начин кој ќе обезбеди почиста и поздрава средина за сите. Во таа смисла секој од нас може да влијае врз намалувањето на загадувањето. Законската контрола за исполнувањето на еколошките стандарди во индустријата треба да се засили за што неопходно е да се вработат повеќе инженери за заштита на животната средина. Потребно е да се преземат систематски и добро осмислени мерки преку кои државата со субвенционирање во набавката и инсталацијата на обновливите и еколошки извори на енергија ќе придонесе за почиста иднина. Гасификацијата на градовите и примената на природниот гас во домаќинствата не е само поевтина туку и еколошка алтернатива. Во Европа „Зелениот дизајн“ на зградите е сè попопуларен, зелените покриви се нешто кое може да се види во многу урбани центри. Тие се добра алтернатива за недостигот на зелените површини во густо изградените урбани подрачја. Паралелно, воведувањето на нискоемисиони средства за јавен превоз дополнително може да влијаат врз „шпицовите“ на дневните загадувања. Хибридните и електричните возила се вистинско решение и вистински хит во европските земји, особено за потребите на градското транзитирање, а воедно се и поекономичен избор.

Состојбата со загадувањето на реките и други водни површини е еднакво загрижувачка. Природната вода е клучен ресурс кој тешко се обновува, затоа мора да се дејствува превентивно и со третман во пречистителните станици да се контролира нивото на загадувањето. Како земја која полага многу во земјоделството и во производството на храна треба да бидеме крајно внимателни со експлоатацијата на рудните резерви, како и со појавата на дивите депонии кои претставуваат потенцијални загадувачи на подземните и површинските води.

Иако алармот е одамна вклучен, малку е сторено за намалување на загадувањето во изминатиот период. Заштитата на животната средина треба да биде наш врвен приоритет, а надлежните органи треба да вложуваат повеќе во неа. Потребна е политичка волја и стратегија, но пред сè посветеност и доследност во спроведувањето на мерките кои се долгорочни. Граѓанскиот сектор стори доволно со тоа што го актуелизираше проблемот и на тој начин ја подигна еколошката свест меѓу населението. Дали тоа ќе биде доволно, ќе видиме, искрено се надевам дека централната и локалната власт загадувањето ќе го препознаат како проблем од највисок јавен интерес. До тогаш потрудете се да бидете дел од решението, не од загадувањето.

 

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“