ПРЕСИНГ | Година, 2012

Пресинг 11
fShare
0
Pin It

pdf icon ПРЕСИНГ БР.11

РЕЦЕСИЈА

Во економијата поимот рецесија подразбира генерално забавување, односно пад на економската активност
во една земја за определен временски период. Токму ,,рецесија“ беше најмногу споменуваниот поим на
собирот на градежните конструктори на Словенија кој неодамна се одржа во нестварно убавиот Блед.
Имаше 90-ина учесници. Третина од вообичаеното. Причина – рецесијата во градежништвото и воопшто во
стопанството на државата која по многу нешта беше и сè уште е лидер во регионот. Колегите Словенци видно загрижени и вознемирени. Очигледно ненавикнати да работат и живеат во услови на криза. За разлика од некои други.
Светска, европска, македонска. Рецесијата се заканува од секаде. Од малите екрани, насловните страници,
од експертските анализи. Како своевидна бабарога за возрасни. Чиниш готово е. Катаклизма. ,,Сенди“. Сепак, искуството покажало дека рецесијата, онаа врзана за економијата, колку и да е непријатна, има ограничен век на траење. Некогаш неколку месеци, некогаш неколку години. Но, за жал, постојат и поинакви рецесии. Многу подолготрајни, потешко надминливи и со самото тоа општествено многу поопасни. Такви се на пример рецесијата на знаењето и рецесијата на квалитетот. Рецесии кои се сè поприсутни и во нашето градителство. Во сите негови сегменти. На пример урбанизмот, како зачетник и своевиден
регулатор на процесот на градење, веќе одамна од мултидисциплинарна, сериозна и крајно одговорна
професија се претвори, речиси без исклучок, во моќно средство за исполнување на желби, интереси,
фрустрации. Слично на мотото на последните олимписки игри, влијае во духот на: „Повисоко,
поголемо, посилно (уништи ја средината)“. Се редат објекти без ред. Се тискаат еден до друг, се поклуповаат еден врз друг. При тоа единствен критериум за квалитет стана степенот на исполнетост на интересите на нарачателите.
  И квалитетот на проектите, кои сè повеќе стануваат релативна категорија, е во процес на континуирана
рецесија. Од содржина се претворија во сурова форма. Една папка за општината, друга за инвеститорот, трета (ако воопшто ја има) за на градилиште. Што од брзање поради прекусите рокови, што поради прениските цени, што од незнаење и јавашлак, што од недозволив авантуризам, се прават пропусти и несфатливи грешки. Грешки за кои студенти паѓаат на испит. Грешки уредно испечатирани со печат на проектант, ревидент, надзор...
Рецесијата е евидентна и во квалитетот на материјалите. Во време на интензивен развој на нови материјали, нанотехнологии, ултра јаки бетони и други современи чуда, вообичаениот бетон со марка 30 сè почесто станува тешко достижна категорија. А впрочем што може и да се очекува кога во најголемиот број фабрики за бетон единствени стандарди според кои се работи се оние со кратенката СИ (стандарди на импровизација). Плац, опрема и желба за заработувачка. Толку. Без стручен кадар, без лаборатории, без контрола на производството. Фрустрира тоа што речиси да нема нов објект без покрив што протекува, пукната цевка или спојка, нефункционални одводи, пробиена хидроизолација, претесни скали, премали лифтови, нерешени окапници и стреи, заборавени па дополнително надворешно влечени кабли, криви и лабави утичници, проблематични системи за греење и ветреење, шпекулативен паркинг-простор, исфлекани фасади, калливи пристапи, импровизирани детали....Речиси да нема нова а нераскопана улица, улица без несоодветен асфалт, без пропаднати шахти, растурени тротоари....Како да почна сето ова да станува нормално, како да се претвори во своевиден стандард во градежништвото. При тоа вината редовно се бара само кај другите. Но, да не излезе на крајот дека другите, како и во истоимениот филм (The Others) со прекрасната Никол Кидман, сме биле всушност самите ние.