ПРЕСИНГ | Година, 2013

Пресинг 15
Pin It

 ПРЕСИНГ БР.15

КОНСТРУКЦИЈАТА КАКО ПОТСВЕСТ НА АРХИТЕКТУРАТА

Генијалниот француски градежен конструктор Eugenе Freyssinet, основоположникот на претходно
напрегнатиот бетон, уште во далечната 1930 година изработил проект за лачен мост со распон од, за
тоа време неверојатни и тешко замисливи, 1.000 m. За жал мостот, иако проектиран со тогаш реално
расположливите градежни материјали, не можел да биде изведен поради недостиг од соодветна
технологија за градба. ова не е осамен случај во историјата на градежништвото. Голем број напредни
идеи, токму поради тоа што не кореспондирале со реалните технолошко-технички можности, останале
на хартија како сведоштва за човековиот исконски стремеж за остварување на нешто ново, дотогаш
невидено.
Генерирањето тридимензионални форми претставува врв на менталниот творечки процес.
Broadbent во Design in architecturе–аrchitecture and the human sciences, 1973, дефинира четири
негови основни видови: прагматичен, аналогиски, типолошки и канонски. Преку нив и низа нивни
меѓусебни комбинации низ времето се создаваат градителски дела кои според S.Giedion  (Raum,
Zeit, Architectur, 1938) можат да послужат како непогрешлива мерка за периодот во кој се градени.
Градителството отсекогаш било во тесна врска со економско-социолошките услови, општествениот
развој, класните интереси, а најмногу од сè со развојот на градежните материјали и научнотехнолошкото
ниво. Почнувајќи од египетските и подоцна античките мајстори кои „ограничени“ во однос
на расположливите градежни материјали (камен - мермер и дрво) и технологии на изведба,
своите  храмови ги конструираат со линиски елементи (столбови и греди), преку старите римјани
кои овој проблем го премостуваат со пронаоѓање и употреба на малтери и слични на нив сврзувачки
материјали што им овозможува градителски исчекор со изведба на ѕидови, лачни и сводести конструкции,
византијците кои со цариградската „Св. Софија“ куполата ја доведуваат до совршенство, потоа низ
романиката со која се прекинува петвековното градителско мртвило, готиката каде новата
конструкторска логика и помага на архитектурата да прерасне во водечка уметност, ренесансата
и барокот кога недостигот од нови градежни материјали и технологии се компензира  со
вградување  декоративни елементи во градителските дела, па сè до индустриската револуција која, како
и во многу области, така и во градителството, отвора нови хоризонти, провоцирајќи творечка возбуда,
истражувања, нови знаења, напредок.
Тенденцијата не запира. По железото, челикот, армираниот и претходно напрегнатиот бетон,
современици сме на интензивен развој и примена на нови нано, еко и облико-помнечки
материјали, композитни структури, базни изолации, конструктивни стакла, современи технологии и што
ли уште не. Сите насочени кон тоа на инженерот да му овозможат, како што вели Le Corbusier,
усогласување на конструкциите со законите на вселената, a истовремено на архитектот создавање
архитектура која возбудува. Впрочем, човекот не би бил човек ако постојано не трага по нови нешта, ако желбите не му ги надраснуваат можностите, ако потребите не му
провоцираат развој на знаењето.