ПРЕСИНГ | Година, 2013

Пресинг 16
fShare
0
Pin It

pdf icon ПРЕСИНГ БР.16

e - ПРОЕКТ

,,Постирам значи постојам“ е новиот стандард на современиот живот. За
жал. Тажна вистина од која, по се изгледа, нема одбрана. Присуството на
Fаcebook, Tweeter, Youtube и на слични (а)социјални мрежи, кое полека но
сигурно станува клучен, бизарен доказ за нашето постоење, создава виртуелна
реалност, го потиснува вистинското другарување, ги редуцира пријателските
кафе муабети, ги елиминира бесплатните комшиски психо-терапии... Не
напика ова сајбер другарување во квадратурата на нашата соба, нудејќи ни
можност, депресивно-осамени, да се залажуваме дека сме опкружени со многу
пријатели со кои редовно си споделуваме безначајни лајкови. Ни понуди новата
технологија комуникација без поглед, љубов без допир. Сложен процес, кој
иако поттикнат и овозможен токму од инженерските умови, повеќе подлежи на
некои поинакви стручни анализи.
Продира компјутеризацијата незапирливо. Длабоко во општественото ткиво.
Во него секојдневно создава нови врски, но и трајно раскинува постојни.
Одамна, можеби најрано и најнаменски, навлезена е и во инженерството.
Толку одамна што веќе подзаборавивме на рачните пресметки, на туширањето
со рапитографи, на пишувањето со шаблони, на миризбата на старите
озолит копир машини, на..... Дотурка денес компјутеризацијата и до целосно
оформување на проектната документација. Тивко, одеднаш, без посебна најава
и период за прилагодување. Се воведе како стандард со кој хартијата, преку
која проектанската идеја со векови се преточувала во реалност, се испрати на
еднонасочна рециклажа. Навлеговме во зоната на сајбер-проекти. Токенот го
замени мастилото. CD-то, папката.
Ќе останат старите проекти, прекриени со слој дебел прав и миризлива
(мемла) мувла, да лежат подзаборавени по запуштените депоа и архиви.
Како своевидни пишани артефакти за времето во кое биле создавани. За
нивото на тогаш важечките стандарди. За периодот кога се вртеле Крос и
Кани. Кога сеизмичката пресметка се сметала за непотребна. Кога килограм
повеќе потрошена арматура се третирал како голем  инженерски грев, кога
МБ30 се третирал како високојакосен бетон. Ќе сведочат овие папки за
e - ПРОЕКТ
првите компјутерски анализи со бушени картички, за зелено-белите листинзи
преполни со нули, за едиторските IN-ови и OUT-i. Ќе ги пронајдеме во нив и
почетоците на компјутерската графика со многу шарени и живописни сликички,
преполни со, често, непотребни и неразбирливи  бројки, на 3D моделите од
моќните кракувани и поретко лиценцирани компјутерски софтвери. Алатки кои
нудат многу, но и бараат уште повеќе. Инженерско знаење. А, до него тешко се
стигнува. Особено без постојано учење и долготрајна работа..
Ќе не потсетуваат избледените копии и за односот кон проектирањето,
потценувачките цени, за додворувањето и сервилноста кон нарачателите, за
синусоидите на стручната и општествена одговорност. За нивото на знаењето.
За вистинските, но и за допишаните проектанти и ревиденти. Ќе пропатуваме со
нив низ периодите на детално разработувани цртежи со грижливо евидентирани
изведбени измени, низ транзициските проектански мангуплаци и шпекулации,
низ, не ретко, формално печатираните проекти со печати стекнати врз база на
опасно ниско пропишани критериуми.
Патувајќи така, ќе стигнеме сé до денес. До деновите кога стандардните
А-формати ги менуваме со мониторски инчи. Кога ниту вештата манипулација
со маусот не овозможува следење на графичката целина, кога нема начин
да се внесат ревидентските забелешки, кога станува невозможно да се
прегледаат два или повеќе е-цртежи едновремено, кога се губиме во
различните програмски верзии, се трауматизираме од изгубените податоци,
од затајувањето на софтверите, од брзите, тешко совладливи промени
на хардверите. Денови кога заверката на проектот станува посложена од
проектирањето, кога збунетата и затечена локална администрација на
прашањата одговара со кревање раменици.
Но, враќање назад, нема. И не треба да има. Тоа е невозможна мисија.
Спротивна на еволутивното човеково битие. Деструктивен обид, однапред
осуден на неуспех. Единствено ни преостанува, живеејќи го е-животот,
внимателно да ги селектираме неговите многубројни придобивки и да ги
ставиме во функција на подигнување на животниот квалитет.