Пресинг 8
Stampa

pdf icon ПРЕСИНГ БР.8

СÈ ЗА ЕДНО ЕВРО

Преполна сала со архитекти и инженери. Сите, како потенцијални даватели на услугата – проектирање, уредно поканети од страна на едно наше јавно претпријатие. Сите со надеж дека овој пат ќе успеат да чепнат од навестениот слатко-горчлив државен инвеститорски колач. Сите подготвени за масивната, макотрпна, непродуктивна, често само формална и за жал неретко, не баш фер тендерска трка. Трка со пречки и меѓусебни поткошнувања. Трка во која, на крај, премногу често жртва станува квалитетот на проектот, односно на градбата. И тоа како колатерална штета на несоодветната за овие ,,набавки“ законска процедура и следствено на тоа на потценувачки ниските цени со кои се вреднува проектантскиот труд. Или обратно? Како и да е, станува збор за исцрпувачка трка во која само првиот добива медал. А медалот, како и обично, со две лица. На едното задоволство од добиената работа, од шансата за деловно преживување. На другото разочарување од прекусите рокови, недефинираните проектни задачи, едностраните договори и најмногу од постигнатата цена.... Знаејќи го ова, еден од поискусните колеги гласно прокоментира дека би било добро во постапките за планираните активности пореално да биде вреднуван проектантскиот труд. Искусен човекот, па знае. Знае дека отидовме толку далеку, пардон ниско, што слушам, во некои помали градови комплетен проект за објекти од високоградбата се работи по цена од едно евро за квадратен метар. ,,Сè за едно евро.“ Овој слоган за првпат го имам прочитано во една маргинална продавница во некоја од западноевропските земји. Изгледаше примамливо. Со љубопитство влегов да видам за што се работи. Внатре, понуда од сè и сешто. Генерално, големо ништо. Впрочем, што може човек вредно да добие за само едно евро. Но, некаде можеби и може. Особено овде. Овде, на пример, се покажа дека за само едно евро може да се легализира квадрат дивоградба за што, патем, не е потребна никаква проектна документација (така, без проект, се легализираат и повеќекатни станбени објекти). За едно евро од државата се купуваше квадрат дворно место (иако оние кои доследно ги почитуваа законите ги платија многукратно повеќе). За нешто повеќе од евро за квадрат се распродадоа и општествените станови (уште и со можност за користење на законски девалвираните туѓи ,,заробени девизи“), како и наменски потценетите недвижности на многу од компаниите... Неспорно е дека станува збор за доста сложени и чувствителни општествено-економски и социјални процеси кои знаат, од разни причини, кај надлежните да поставаат одредени не секогаш логични рамки, односно ограничувања. Но исто така, факт е дека со ваквите решенија државата, односно сите ние изгубивме шанса за реално оплодување на општествениот, заеднички капитал и негов обрт во нови значајни инвестиции и други корисни проекти. Сепак се работи за стотици милиони евра. И повеќе. Кога може сето ова, зошто не би можело и проект да се добие за едно евро. Може, зошто да не, но каков? Многумина од нас, можеби со право се надеваат дека со донесување на еснафски тарифник за одредување на минималните цени ќе може да се подобри состојбата. Искрено, не сум многу убеден во тоа. Особено ако се имаат предвид состојбите во, од нас, многу поразвиените и поискусни во оваа област земји. Затоа, мислам дека најдобар регулатор на цените треба да биде пазарот на интелектуален труд на кој, според мене, најмногу преку објективни, стручни и одговорни ревизии на проектите ќе може да се разграничи квалитетот од неквалитет. Тогаш, полека сè ќе си дојде на свое место. ,,Па ние не ви ги формираме цените“, беа зборовите со кои директорот на јавното претпријатие, одговарајќи на коментарот на искусниот колега, го затвори работниот состанок