Пресинг 6
Stampa

pdf icon ПРЕСИНГ БР.6

ГОДИНА ПОТОА

Пресинг го прославува својот прв роденден. Случајно, прославата се совпаѓа со времето кога годината што доаѓа, со непроѕирен плашт, засекогаш, ја препокрива својата претходничка. Со времето на изветвени новогодишни коктели преполни со неподнослив кич, лицемерство и завист. Време на лажни стереотипни желби за добро здравје зад кои, најчесто, се затскриваат многу поискрени стремежи за стекнување материјални добра. Време на кусо дружење на секојдневно отуѓените. На лажно другарување со оние на чии успеси тагуваме, со оние од чија конкуренција панично се плашиме. Време е и на вештачки насмевки кон оние што кукавички, зад грб, ги кодошиме. Време е за искрена сета на од блиски разочараните и на, од оние во кои несебично сме вложувале, изневерените. Време за комедија од меѓучовечки односи. Но, време е и за споделување пријатни мигови. Со вистинските личности, со искрено саканите, со оние со кои нè спојува алхемична хемија. Време е за уживање во небесниот одблесок од магичните очи на драгиот соговорник низ кои за миг успеваме да навлеземе во убавината на духовниот еквилибриум. Време е и за сумирање. На успесите, но и на наместените тендери, лажно потпишаните проекти, нарачаните урбанистички планови, ретушираните архитектонски дела, уништените простори, безвредните докторати, криминално авторизираните научни трудови. Време е и за првиот скен на Пресинг, создаден со ентузијазам и идеал(изам) да внесе нешто ново во нашето стручно опкружување. Да биде место за изнесување и застапување на нашите ставови, тези, размислувања, достигнувања, идеи. Да нè оттргне од мобингот на здодевната и деструктивна дневна политика и контрапродуктивното критизерство, да ги раскуражи натрапниците во нашата дејност и граѓански да нè втурне во просторот кој исклучиво нам ни припаѓа. Да го продухови наметнатото сивило, да ни овозможи да покажеме и докажеме дека знаеме и умееме. Создавањето на секој нов Пресинг причинува искрено задоволство. Комуникацијата со истомислениците, растоварена од какво било профитерство, прави животот да има поголема смисла, да опстојат идеалите и вербата дека, сепак, нештата може да бидат поместени кон подобро. Создавањето на Пресинг е и предизвик. За достигнување високи стандарди, за обезбедување актуелни и квалитетни текстови, за застапување ставови, за квалитетен печат, за редовна дистрибуција. Се разбира, сè во рамките на нашите можности. Зaшто, како што вели Ками: ,,Човекот на апсурдот бара вредности што не постојат. Побунетиот човек го поставува своето барање од името на вредностите што се веќе тука“. И како што Сизиф никогаш не престанува да ја работи својата работа, така и човекот мора, како постојан бунтовник против несовршеноста и трагичноста на животот, осмислено да го изживее својот живот. Друг избор нема. Нека ни е среќна 2012 година!