Информатор за активности на Комората

×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

Втор MACOLD-SLOCOLD меѓународен симпозиум за големи брани

Pin It

simpozium 2020 finalСкопје-Љубљана, on-line, 4.декември, 2020

Словенечкиот комитет за големи брани (SLOCOLD) и Македонскиот комитет за големи брани (MACOLD) се експертски и невладини инженерски организации, членки на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) од 1950 година, како дел на поранешниот YUCOLD.

Како независни здруженија за големи брани, тие од 1993 и 1994 година се членки на ICOLD, каде моментно членуваат 104 национални комитети за големи брани. Традиционално добрите односи помеѓу MACOLD и SLOCOLD резултираат во заеднички меѓународни симпозиуми. Првиот, со главна тема „Браните - неодамнешни искуства за истражување, проектирање, изградба и одржување“ се одржа во Скопје, во 2011 година. Првичната идеја за организирање на вториот заеднички симпозиум се роди во јануари 2020 година, за време на Меѓународната конференција „Иднината на Словенија во светло на климатските промени“, што се одржа во Љубљана. Оваа идеја беше целосно поддржана од Претседателствата на двете национални друштва за големи брани и во следните неколку месеци беше формулирана главната тема на Вториот заеднички меѓународен SLOCOLD - MACOLD симпозиум „Водни акумулации - активна мерка за прилагодување на климатските промени“.

Зошто е актуелна оваа тема во сегашниот период, во Македонија и Словенија, но и во поширокиот регион? Водните акумулации се клучни објекти за животната средина и за водостопанството, особено во светло на климатските промени и потребата да се обезбедат доволни количини на вода за човечките потреби, но и да се одржат соодветни услови за опстанок на животните заедници (биоценези) во нивните живеалишта (биотопи) во XXI век. Од водостопански аспект, единствените објекти кои обезбедуваат временска и просторна прераспределба на водните ресурси се акумулациите, кои се создаваат со градба на брани. Акумулирањето на водата сè повеќе се докажува како неопходна и клучна активна мерка за ублажување на просторната и временската хидролошка нерамномерност, за надминување на асинхроноста меѓу расположливите води и потребите за вода и за ефикасно намалување на штетите предизвикани од екстремните хидролошки појави (суши и поплави). Од еколошки аспект, правилното планирање и оперирање со водните акумулации обезбедува поволни услови за живот, овозможува зачувување на загрозените животински видови и унапредување биолошката разновидност во иднината. Постои загриженост и верување на одделни поединци и еколошки здруженија, базирано на нивното убедување дека природата е неприкосновена, дека изградбата на големи брани и создавање на акумулации во речните долини се штетни за животинските и растителните видови. Меѓутоа, од ефектот од климатските промени се потврдува спротивното - дека токму акумулациите претставуваат предуслов и активна мерка за зачувување на овие видови.

Иницијативниот одбор составен од членови на Здруженијата на големи брани од Словенија и Македонија, за организација на вториот MACOLD-SLOCOLD меѓународен симпозиум за големи брани, Скопје-Љубљана, поради состојбата со COVID пандемијата, одлучи настанот да се одржи без физичко присуство или on-line, на англиски јазик, a домаќин на виртуелниот симпозиум да биде MACOLD. Процената дека MACOLD ќе биде успешен организатор на оваа меѓународна манифестација беше поткрепено со фактот дека во периодот 1999-2019 година, MACOLD се докажа со реализацијата на 14 научни собири. За симпозиумот пристигнаа поголем број реферати, а Редакцискиот одбор прифати 14 да бидат отпечатени во зборникот посветен на Симпозиумот. Рефератите беа подготвени од автори од Македонија (7), Словенија (4), Словачка, Турција и Србија (по еден).

На 4.декември, на Свеченото отворање на симпозиумот, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, Претседател на MACOLD и претседател на Организациониот и Редакцискиот одбор. Успешна работа на учесниците на Симпозиумот им посака претседателот на SLOCOLD, Nina Humar. Потоа, до учесниците се обрати Благоја Бочварски, Министер за Транспорт и врски, Влада на РС Македонија, кој ги истакна најновите брани кои се во тек на градба Конско, Гевгелија и Речани, Кочани и тие што се непосредно пред почеток за градење Отиња, Штип и Слупчане, Куманово. Свое обраќање имаше и Martin Wieland, претседател на техничкиот комитет на ICOLD за сеизмички аспекти во проектирање на брани. Потоа, ги поздравија учесниците, проф. Matjaž Mikoš, декан на факултетот за градежништво и геодезија на Универзитетот во Љубљана и проф. Маријана Лазаревска, продекан за наука и меѓународна соработка на Градежниот факултет, УКИМ, Скопје.

На Симпозиумот, на кој присуствуваа 107 учесници, најборјни беа од Македонија и Словенија, но имаше учесници и од Словачка, Србија, Турција, Швајцарија, Велика Британија, Бугарија, Хрватска и Грција, во две работни сесии, имаше успешни презентации и интересни дискусии по 12 реферати. Сето тоа овозможи размена на искуство и знаење - особено значајно за помладите кадри од Инженерството за брани, што претставува основна мисија на ваквите настани.

На крајот, ја ползуваме оваа можност да се заблагодариме на авторите на рефератите, на членовите на организациониот одбор и на редакцискиот одбор за пожртвуваната работа, на презентерите и на активните учесници на Советувањето (кои добија сертификати со 3 CPD поени) и секако на спонзорите на манифестациите организирани од ЗМКГБ или MACOLD во 2019/20 година, без чие разбирање и финансиска поддршка, одржувањето на Симпозиумот, практично би било неизводливо.

Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

plakat simpozium 2020 final

Сл. 1. Плакат на симпозиумот