На 6 Јуни 2024 година (четврток) во салата на Комората се одржа предавањето под наслов „Имплементација на BIM кај челични индустриски хали“. Тоа е третиот настан од низата на БИМ активности кои Комората ги организира заедно со „Smart Solutions“ - авторизиран партнер на Autodesk во Македонија.
Предавачи на овој настан беа градежните инженери М-р Никола Нисев и Д-р Миле Партиков кои ги елаборираа сите аспекти на имплементацијата на BIM кај челичните индустриски хали.
Д-р Миле Партиков е Доцент на Катедрата за метални конструкции при Градежниот факултет во Скопје и координатор на РГ 3 за имплементација на Еврокод 3 при ИСРМ, ТК40. Повеќе од десет години активно работи на имплементација на БИМ технологијата во градежништвото, како во наставата на Градежниот факултет така и преку проектирање на индустриски објекти во софтверските пакети на Autodesk (Robot Structural Analysis, Advance Steel и REVIT).
На предавањата Партиков ја презентираше имплементацијата на BIM процесот во проектирање на индустриските објекти, почнувајќи од концептуално решавање на конструктивниот систем, преку анализа на конструкцијата до комплетна 3D работилничка документација. Целиот процес го претстави преку интеграција на различни софтверски пакети и координација на различни модели од конструкцијата со цел да се добие детален изведбен проект.
М-р Никола Нисев е Докторанд и соработник на Градежен факултет Скопје - Катедра за метални конструкции, раководител на градежен сектор во NEW VISION и еден од основачите на НИТЕН ИНЖЕНЕРИНГ. Веќе седум години активно работи на имплементација на БИМ технологијата во градежништвото преку проектирање на станбени и индустриски објекти во софтверските пакети на Autodesk.
На предавањето Нисев ја претстави анализата на темелната конструкција на индустриски објект и креирањето на 3D арматурни планови со помош на софтверскиот пакет REVIT. Во продолжение говореше за завршната координација меѓу сите фази на проектирање што претставува клучен чекор во процесот на проектирање на објектите.
На крај се изнесе заклучокот дека BIM процесот на проектирање овозможува оптимизирана изградба, прецизна контрола и ефективно одржување на конструкцијата, обезбедувајќи висок квалитет на конструкцијата.
Во продолжение фотогалерија на настанот: