Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), во рамките на својата заложба за поддршка на младите професионалци и унапредување на архитектонската и инженерската дејност, за првпат е покровител на наградата за најуспешен магистерски труд за учебната 2024/2025 година на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката помеѓу академската заедница и професионалната практика, со цел препознавање и поттикнување на креативноста, иновативноста и истражувачкиот пристап кај младите архитекти.
На свеченоста беа доделени следните признанија:
🏆 Награда за најдобар магистерски труд во учебната 2024/2025 година на м-р арх. Димитар Милев, за трудот „Продукција на простор наспрема просторна продукција преку примерот на напуштената фабрика Треска во Скопје“, изработен под менторство на проф. д-р Слободан Велески.
🏆 Признание за критички пристап кон современите архитектонски предизвици на м-р арх. Елена Марковска, за трудот „Адаптација и пренамена на постоечки индустриски капацитет во Центар за креативни индустрии“, изработен под менторство на проф. д-р Александар Радевски.
🏆 Признание за критички пристап кон современите архитектонски предизвици на м-р арх. Јулија Јованоска, за трудот „Архитектонско репроектирање на месноста Дебој – Охрид“, изработен под менторство на проф. д-р Јован Ивановски.
КОАИ им упатува искрени честитки на наградените автори и нивните ментори за покажаната посветеност, знаење и креативност. Веруваме дека токму младите архитекти претставуваат двигател на идниот развој на струката и носители на нови идеи кои ќе придонесат за поквалитетно, одржливо и современо градење.
Комората ќе продолжи активно да ги поддржува иницијативите што ги поврзуваат образованието, науката и професионалната практика, создавајќи услови за развој на новите генерации на архитекти и инженери.