На 11 јуни 2026 година, Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), преку Одделението на градежни инженери, успешно ја реализираше II-та сесија од напредната стручна обука на тема „FIDIC 1999 vs FIDIC 2017: Дополнувања и појаснувања претставени во новите изданија на Црвената и Жолтата книга и разлики во управувањето при различни изданија на договори“.
Обуката, која предизвика исклучително голем интерес кај стручната јавност, имаше за цел да им овозможи стручни практични знаења на активните членови на КОАИ кои се директно вклучени во реализацијата на капитални градежни проекти. Во време кога меѓународните стандардни форми на договори стануваат клуч за успешен менаџмент, унапредувањето на професионалните знаења на домашните инженери е од есенцијално значење за градежниот сектор.
Еминентниот предавач, Влатко Михајлов, дипл. град. инж., низ призмата на богатата инженерска пракса и конкретни примери ги елаборираше суштинските разлики и дополнувања воведени во новите изданија на FIDIC од 2017 година, во споредба со претходната верзија од 1999 година.
Фокусот на оваа втора сесија беше ставен на најчесто поставуваните прашања и дилеми со кои професионалците се среќаваат на терен. Во рамките на предавањето детално беа анализирани следните клучни теми:
- Разлики во третманот на непредвидени физички услови помеѓу Црвената и Жолтата книга;
- Концептот и пресметката на Клизна скала;
- Спецификите на побарувањата (Claims) од страна на инвеститорот;
- Системите на плаќања кај различните форми на FIDIC договори;
- Остварувањето на правото на пристап и посед на градилиште;
- Толкувањето на разумните периоди и други критични аспекти на договорното управување.
Следејќи ги современите дигитални трендови и потребите на своите членови, Комората ја организираше оваа обука во хибриден формат. Дел од инженерите присуствуваа физички во просториите на Комората, додека благодарение на платформата Microsoft Teams, во обуката преку онлајн присуство активно се вклучија и колеги од сите делови на државата. Хибридниот модел овозможи динамична дискусија и споделување на искуства помеѓу присутните и предавачот.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери упатува искрена благодарност до сите учесници за покажаниот интерес, довербата и активниот придонес за време на сесијата. КОАИ останува посветена на својата мисија за континуирано стручно усовршување на своите членови, постојано следејќи ги светските трендови и предизвици во практиката.
Напомена: Од септември КОАИ продолжува со нов серијал на обуки за FIDIC.