На покана на претседателката на Хрватската комора на градежни инженери (HKIG), Нина Дражин Ловрец, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија (КОАИ), м-р Дејан Метикош, учествуваше на XX. Денови на Хрватската комора на градежни инженери (HKIG), кои се одржаа од 11 до 13 јуни 2026 година во Опатија, Република Хрватска.
Јубилејното дваесетто издание на настанот, обедини бројни претставници на инженерските комори, академската заедница, државните институции и експерти од областа на градежништвото и инфраструктурата. Програмата опфати теми од особено значење за инженерската професија, меѓу кои: имплементацијата на националниот план за станбена политика, законската регулатива во градежништвото и просторното планирање, јавните набавки во секторот градежништво, дигитализацијата и BIM-пристапот, примената на вештачката интелигенција во градежништвото, втората генерација на Еврокодовите, сеизмичкото инженерство, климатските промени, инфраструктурните проекти и современите инженерски практики.
Во рамки на настанот, претседателот на КОАИ оствари средби со претставници на инженерските комори од регионот и Европа, при што беа разменети искуства и мислења за актуелните предизвици во инженерската професија, континуираното стручно усовршување, дигиталната трансформација и можностите за понатамошно зајакнување на регионалната и меѓународната соработка.
Учеството на КОАИ на овој значаен регионален собир претставува потврда на определбата на Комората за активно вклучување во меѓународните професионални текови, следење на современите инженерски трендови и унапредување на соработката со сродните професионални организации во интерес на инженерската заедница и развојот на инженерската професија во Република Македонија.