ПРЕСИНГ БР. 57
Печати

pdf iconПРЕСИНГ БР.57

РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА

Енергетиката е основа на развојот на секое општество и кога таа се менува, се менува и целиот свет. Сакам да верувам дека сме подготвени да се соочиме лице в лице со тие промени и дека ќе имаме доволно знаење да ги пресретнеме и да ги искористиме за нашето „подобро утре“, дека нема да бидеме само неми статисти кои чекаат промените сами да се случат.
Но, светот се соочува со глобална енергетска криза која од т.н. вонредна состојба преминува во некоја нова реалност. Уживањето во топлите домови во ладните денови кои следуваат, веќе нема да биде така безгрижно за жителите во светот – цените на електричната енергија и гасот (кои очигледно и не можеме да ги обезбедиме во доволна количина) се вивнаа до небо! Во борбата за обезбедување на доволно енергија и доволно енергенси за да се преживее оваа зима, сепак не смееме да зачекориме по погрешен пат. Без оглед на сите мерки кои државите ги преземаат за да обезбедат доволно енергија за претстојната зима, не смееме да ја заборавиме важноста на Зелената агенда. Енергетската транзиција не е само некоја договорна обврска, туку е прашање на обезбедување иднина за нашите деца. Зелената агенда не е само одредба од некој потпишан договор или декларација, таа е прашање на нашиот однос кон нашата иднина: дали сакаме и дали можеме да обезбедиме доволно енергија, но и да имаме чиста почва, незагадени реки, чист воздух, здрава планета која ќе можат да ја наследат идните генерации.
Правилната енергетска транзиција може да биде еден од клучните инструменти за воспоставување на долгорочна енергетска безбедност и здрава животна средина. Како и да е, енергетската транзиција е навистина сложен процес и за жал, не постои едно и единствено решение кое би можело да ги реши сите проблеми.
Македонија доцни, можеби најмалку деценија, во приказната за енергетската транзиција и не може ни да се спореди со другите држави кои јагленот скоро и да го заменија со други извори на енергија, па сега одлучуваат да ги активираат како стратешка резерва. Кризата чука и на нашите порти. Дали сме ние подготвени правилно да се справиме? Дали имаме визија, план, конкретна стратегија за обезбедување доволно енергија за следниот период од една страна, имајќи ја предвид и Зелената агенда од друга страна? Дали решението за надминување на енергетската криза лежи во „зелената енергија“? Или можеби во нуклеарната енергија? Или можеби некои држави премногу наивно влегоа во приказната за брзо затворање на термоцентралите, без да имаат „back-up“ стратегија? Или можеби подзборавивме дека ја имаме и водата како можен извор на енергија?
Или можеби не сме во целост подготвени да ги искористиме и да управуваме со сончевата енергија и ветерот? Слушаме многу ветувања и идеалистички прогнози поврзани со прашањето „како планираме да се справиме со енергетската криза”, но дали и колку од она што ни го кажуваат, ќе биде реализирано, останува да видиме. Поучени од минатото, веројатно не треба да очекуваме чуда бидејќи големите очекувања водат и кон големи разочарувања.
За крај, да не се лажеме, секој начин на производство на електрична енергија прави некоја штета на животната средина. Но, одговорните општества мора да успеат да најдат модел преку кој ќе биде задоволен јавниот интерес и ќе се обезбеди енергетска стабилност, а ќе има минимално влијание врз животната средина. Да не заборавиме, имаме само една Земја, треба да ја чуваме и да се грижиме за неа. И во текот на кризата, но и по неа. Тоа е контекстот кој го дефинира човештвото, барем сè додека не најдеме резервна планета.

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“