Одржана презентација од архитект Ислам Беркин во рамките на Втората годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола

 

001Ислам Беркин од Македонија, кој живее и работи во Англија беше еден од гостите што учествуваа со презентација на Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола.
Беркин повеќе од пет години е дел од тимот на Заха Хадид архитекти во Лондон, со активно учество во над 30 проекти и реализации. Своето професионално образование го завршил на Школата за архитектура, при Асоцијацијата на архитекти во Лондон. Тој е регистриран архитект од Одборот за регистрација на архитекти во Обединетото кралство (ARB) и овластен архитект од Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA). 

Беркин пред стручната публика во Битола го претстави реализираниот комплекс „Музеј на научна фантастика“ во Ченгду, Народна Република Кина.
Ченгду е средиштето на кинеските писатели кои го негуваат публицистичкиот жанр „научна фантастика“ во последните 50 години. За да се прикаже придонесот на градот во еволуцијата и популарноста на жанрот ширум светот, во мај 2022 година беше распишан конкурс. На конкурсот првото место го доби студиото Заха Хадид архитекти.
Објектот од 59.000 m2 вклучува голем број на изложбени галерии, повеќефункционална сала, конференциски центар и помошни простории, a локациски е поставен врз вештачки насип во езерото Џингронг.
Во својата презентација, Беркин даде осврт на инспирацијата, а фокусот го стави на делот по конкурсот, односно процесот во кој идејата треба да се стави во маргините на рационалното и оптималното. Со оглед на динамиката на реализација, во изградбата интензивно биле вклучени повеќе локални кинески градежни компании. Обвивката на зградата е препознатлива по својата комплексна, органска форма. За таа цел при проектирањето користен е софтвер за параметричко проектирање. Таквиот софтвер овозможува стандардизирање на панели за обвивката кои типски се повторуваат во рамки на возможното, со цел да се оптимизира производството на истите, но тоа да не влијае на дизајнот на обвивката. Задоволувајќи ги највисоките стандарди за „зелена“ градба, проектот на музејот е развиен преку детална анализа на дигитално моделирање за да се максимизира ефикасноста во програмата, условите на локацијата, инсолацијата и конструктивниот систем.
На крајот од својата презентација, Беркин направи компарација помеѓу 3Д визуелизацијата од 2022 година и фотографии од реализацијата, со воодушевувачки ист резултат.

Преземете презентација на следниот линк.

001.jpg DSCF0706.jpg DSCF0709.jpg

DSCF0711.jpg DSCF0712.jpg DSCF0714.jpg