
Во рамки на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на Дебатното кино Контра кадар. На овој посебен настан ќе биде прикажан документарниот филм „Начинот на Чипан“, кој отвора дискусија за архитектурата на Борис Чипан, еден од најзначајните македонски архитекти и водечка фигура на модернистичката архитектура во Македонија и во Охрид.Творештвото на Борис Чипан е обемно и опфаќа проекти од архитектурата, заштитата на културното и архитектонското наследство, како и научно-академската дејност. Филмот „Начинот на Чипан“ ја следи групата млади архитекти од Охрид кои се обидуваат да ја зачуваат избледената модерна архитектура на градот и да оддадат почит на наследството на Чипан.
Во својот обид тие наидуваат на бројни препреки и се соочуваат со неочекувани предизвици кои ги ставаат на испит нивните идеали и решителност. Филмот е реализиран од АРХРИД Колектив, стручен колектив на млади архитекти од Охрид. Своите цели - едукација (подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот) и заштита (препознавање и вреднување на културното и архитектонското наследство) - колективот ги остварува преку активности во јавниот градски простор и создавање форум за потенцирање на значењето на оформување и јавно искажување на заеднички стручен став по актуелни теми.
Контра кадар е независна културна иницијатива основана во 2013 година, која организира општествено ангажирани филмски проекции со дискусии. Целта на иницијативата е децентрализација на културата, промовирање на критичка култура и солидарност, со бесплатен влез за сите. Во рамките на иницијативата постои и Контра библиотека, основана во 2024 година.