IV Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти: Архитектурата утре

IV Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти: Архитектурата утре

Четвртата Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти, насловена „Архитектурата утре“, се одржа во историскиот контекст на Битола, во просториите на Офицерскиот Дом. Овој значаен настан собра архитекти и урбанисти од регионот и Европа, кои во два дена дискутираа за иднината на архитектурата, како и за предизвиците што ги носат новите технологии и урбанистички потреби.

На настанот прв се обрати Претседателот на Комората, Дејан Метикош, кој ги поздрави присутните и посака успешен настан. Следуваше обраќањето на Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја отвори Средбата. Поздравни обраќања имаа и проф. Анета Христова Поповска, деканка на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и Кристинка Чулак, претходната претседателка на Комората.

Програмата пред гостите отвори многу области релевантни за архитектите и архитектите урбанисти: од вештачка интелигенција и дигитални алатки, до урбанистичко планирање, европски практики, климатски стандарди, па сè до теми кои се особено наши... Охрид, Чипан, наследството, градовите кои ги сакаме и градовите кои ги губиме. Двата дена беа можност да се погледне архитектурата не само како професија, туку како заедничка грижа: за просторот, за идентитетот, за луѓето и за иднината што ја дизајнираме, независно дали потпишуваме проекти, планови или алгоритми.

Ако постои област што во моментов најбрзо ја менува архитектурата, тоа е вештачката интелигенција. Но истовремено, таа отвора и најмногу прашања: Што значи авторство? Каде завршува раката, а каде почнува алгоритамот? Кој е нашиот идентитет како архитекти во време кога цртежот може да го генерира машина? Првиот говорник на настанот токму тоа го истражува – и тоа од перспектива која е редок спој на традиција и технологија. Архитектот Арбер Шала ја започнува својата професионална приказна со молив, со класична скица, со рака како прв медиум на идејата. Но денес, тој работи со алгоритми, со параметарски алатки, со prompt-based генерација и со системи кои ја преобликуваат креативната практика. Шала ја претстави својата работа преку презентација со наслов „Од молив до промпт: Архитектот во ерата на ВИ. Истражување како технологијата го трансформира начинот на кој дизајнираме и градиме!“

Мајa Тaневска и Кристијано Пијанерели од славното миланско студио ACPV – Antonio Citterio Patricia Viel, едно од најпознатите архитектонски студија во Европа, со проекти кои ја дефинираат естетиката и функционалноста на 21-от век, донесоа сосема поинаков поглед кон иднината, поглед каде технологијата не е закана, туку софистицирана поддршка на безвременскиот дизајн. Нивната презентација „Безвременски дизајн, паметни алатки – Еволуцијата на дигиталниот дизајн на ACPV Архитекти“ говори за нешто на што сите ние постојано размислуваме: Како да создадеме архитектура што трае во време кога алатките се менуваат секои 6 месеци? ACPV – Antonio Citterio Patricia Viel имаат развиено систем кој ја спојува италијанската дисциплина на материјалот со најнапредните дигитални методологии: комплетни материјални библиотеки, BIM екосистеми, sustainability параметри, интерактивни архиви, дигитални протоколи што го намалуваат ризикот и ги зголемуваат можностите. Тоа што беше претставено во Битола е ретка можност да се погледне зад завесата на една од најсилните европски практики.

„Корени и плодови: Архитектура и урбана иновација во флуиден свет“ беше насловот на презентацијата на Димитрис Пулиос, еден од најзначајните грчки архитекти и урбанистички практичари. Неговата презентација, своевидна провокација за аудиториумот да преиспита што значат „корени“ во архитектонски контекст, материјални, културни, историски слоеви кои ни даваат стабилност – и што се „плодови“ – нови технологии, урбани иновации, експериментални форми што растат од тие корени. Димитрис работи регион кој е сличен на нашиот: балкански, медитерански, богат со наследство, но подложен на високи урбани и климатски притисоци. Оваа презентација ја спои традицијата со трансформацијата, локацијата со глобалниот контекст, просторот со политиката.

Првиот ден од дводневниот настан го заокружија гости од Ниш, Република Србија. Тања Обрадовиќ, Сенка Јоковиќ и Миљана Игњатовиќ. Во време кога градовите растат побрзо отколку што успеваме да ги разбереме, урбанистичките планови често задоцнуваат зад реалноста. Промените се побрзи од планот, податоците се побрзи од администрацијата, а кризите – климатски, социјални, инфраструктурни – бараат одговори денес, не за неколу години. Токму овие предизвици, преку своја презентација, ги претставија тројца професионалци кои урбанизмот го гледаат како жив систем, а не како куп хартија. Д-р Тања Обрадовиќ, доктор на науки во урбанизам, со силно искуство од Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија и со меѓународна активност од Женева до Каиро и Њујорк; Миљана Игњатовиќ и Сенка Јоковиќ – архитекти и членки на Кластерот за урбанистичко планирање, со долгогодишна практика на плански документи, проекти и индикатори за квалитет на живот, претставуваа фокус на завршната сесија од првиот ден на настанот.

Своевидно „интермецо“ меѓу двата работни дена и уживање за гостите беше проекција на документарниот филм „Начинот на Чипан“, што се одржа во Кино Манаки. Филмот на АРХРИД колективот, е посветен на еден од најзначајните македонски архитекти – Борис Чипан – и на група млади архитекти од Охрид кои се обидуваат да ја спасат модернистичката архитектура на својот град. По проекцијата следуваше дискусија со пријателите на настанот од Контра кадар.

Вториот ден започна со поздравно обраќање на проф. Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, кој ги поздрави присутните и даде краток осврт за активностите и можностите на универзитетот со кој тој раководи.

Првата презентација од вториот ден ги отвори видиците на присутните за тоа како просторот станува инфраструктура на знаењето, а знаењето – двигател на градски развој. Гостите доаѓаат од Ниш, град кој последните години покажа како универзитет, наука и технологија можат да создадат нов урбан импулс. Проф. Д-р Славиша Кондиќ, од Универзитетот во Ниш, Градежно-архитектонски факултет и Катарина Медар, од TEKING Архитектура, го претставија развојот на Научно-технолошкиот парк Ниш – TechNiš зоната која станува мост меѓу академијата, индустријата и градот.

Џејн Томпсон и проф. д-р Дивна Пенчиќ преку презентацијата „Регионот на Охридското Езеро: долговечност на човечкото населби во кризен момент“ ја претставија студијата за едно од најстарите живи културни јадра на Европа – Охридскиот регион. Место кое не е само населба, туку архива на човечка историја. Во време на урбани и климатски притисоци, прашањето е суштинско: Како опстојува едно место со таква долговечност? И што мораме да направиме денес за да постоиме утре?

Белгиските искуства, компарирани со македонските, ги претстави Ноеми Чаусидис преку презентација со наслов „Одржлива архитектура: од идеја до реалност“. Тема која повеќе не е тренд, туку услов за опстанок – одржливата архитектура. Ноеми која работи токму на пресекот меѓу идеја, материјалност и реални услови – каде што почнува вистинската архитектонска одговорност, вниманието на присутните го задржа од децениски актуелната тема, која понатаму премина во дискусија.

Во ера кога архитектонската идеја може да се роди како код, да се моделира параметарски и да се визуелизира пред да постои темел, архитектите добиваат нов медиум. Токму со презентацијата „Дигитален јазик на просторот“ на Милица Савеска и Петар Ристески од Македон БИМ, присутните имаа можност да се запознаат со алатките на денешницата кои помагаат во создавањето архитектура за утре. Нивното богато меѓународно искуство, претставено преку референтни примери, само ги дообјасни можностите на современите алатки, кои не познаваат граници, како територијални, така и дигитални.

Презентацијата „Синтеза меѓу теоријата и технологијата: Параметарско инженерство и идните градежни форми“ на Јоне Јанкоски беше провокација за аудиториумот. Постави дилеми за етиката во архитектурата, теоријата на формата, но и односот кон минатото. Истовремено, направи корелации помеѓу теоријата, технологијата и инженерството.

XXII БИМАС, Биеналето на македонска современа архитектура, како огледало на професијата, по успешната премиера во Скопје, во рамки на IV Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти можеше да се погледне во Галеријата од Офицерскиот дом. Присутните на IV Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти имаа уште една можност, по повод сто години од раѓањето на архитект Богдан Богдановиќ, во НУ „Завод и Музеј“ Битола, да ја погледнат изложбата Вечито (Вечно). Културната понуда на Битола, преку Фестивалот на музика од светот, го збогати дводневното уживање на гостите.

Настанот беше организиран од Одделението на архитекти и Одделението на архитекти урбанисти во Комората на овластени архитекти и овластени инженери, со несебична поддршка на бројни институции, спонзори и поддржувачи.

Видео од настанот -> 

Фотогалерија од настанот:

DSC_0936.jpg DSC_0942.jpg DSC_0957.jpg

IMG_8085.jpg IMG_8114.jpg IMG_8140.jpg

IMG_8153.jpg IMG_8167.jpg IMG_8187.jpg

IMG_8194.jpg IMG_8240.jpg IMG_8275.jpg

IMG_8401.jpg IMG_8412.jpg IMG_8470.jpg

IMG_8496.jpg IMG_8550.jpg IMG_8576.jpg

IMG_8593.jpg IMG_8602.jpg IMG_8683.jpg

IMG_8712.jpg IMG_8718.jpg IMG_8758.jpg

IMG_8761.jpg IMG_8772.jpg IMG_8782.jpg

IMG_8800.jpg IMG_8806.jpg IMG_8875.jpg

IMG_8881.jpg IMG_8931.jpg IMG_8944.jpg

IMG_8964.jpg IMG_8991.jpg IMG_9014.jpg

IMG_9067.jpg IMG_9148.jpg IMG_9150.jpg

IMG_9171.jpg IMG_9191.jpg IMG_9209.jpg

IMG_9213.jpg IMG_9255.jpg IMG_9256.jpg

IMG_9257.jpg