Во периодот од 2004 до 2021 година ЗМКГБ успешно организираше пет конгреси за брани. Со цел да се одржи воспоставената традиција и да се унапреди индустријата за брани, која е од витален интерес за развојот на државата, на Годишното собрание на ЗМКГБ во декември 2024 беше испланирано во 2025 година да се одржи 6-ти Конгрес за брани.
Потребата за одржување на VI конгрес за брани се појави заради исполнување на следниве основни цели. Како прво, ваквите манифестации се незаменливи затоа што овозможуваат да се состане хидротехничката фела на едно место и да размени искуства и знаења. Второ, во последните години инженерите се судираат со контрадикторни условувања при проектирањето и градбата поради честите промени во легислативата, но и со барања за исполнување на конфузни еколошки и социолошки стандарди, кои се контрапродуктивни за индустријата за брани. И трето, во сегашниот период во Македонија се градат три значајни големи брани: Речани (Кочани), Саса-4 (М. Каменица) и Отиња (Штип), и ваков настан е најпогодна можност членовите за Здружението за брани и учесниците на Конгресот директно да се запознаат со актуелните проблеми од реалното инженерство за брани.
Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ), во Скопје, во конференциската сала на КОАОИ, во периодот 17-18 октомври 2025 година, се одржа 6-тиот конгрес за брани. За VI конгрес за брани пристигнаа поголем број реферати, а Редакцискиот одбор одлучи 15 да бидат отпечатени во Зборникот посветен н
а Конгресот. Рефератите се на македонски јазик (9) и на англиски јазик (6), а се подготвени од експерти од Македонија, Србија и од Словенија. Распоредот на рефератите во Зборникот е приспособен на широкиот спектар на проблеми што се третирани во трудовите, систематизирани во три тематски поглавја: 1. Истражување и проектирање на водни и јаловишни брани со придружни објекти, 2. Искуства од градење, одржување, оскултација и санација на хидротехнички објекти и 3. Регулатива, финансирање и оперирање со хидросистемите.
На 17.10.2025 година, на Свеченото отворање на Конгресот во конференциската сала на КОАОИ во Скопје, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, Претседател на ЗМКГБ и воедно Претседател на Организациониот и Редакцискиот одбор. До делегатите на Конгресот се обратија: Деканот на Градежен факултет, проф. Јосиф Јосифовски, Претседателот на Инженерската институција на Македонија - ИМИ, проф. Андреј Лепавцов и Раководителот на Одделението за градежништво на КОАОИ, проф. Маријана Лазаревска.
Со одржувањето на конгресот со околу 80 учесници беше исполнета основната цел на собирот - размена на искуства и трансфер на знаења во „Инженерството за брани“ во Македонија, чиј главен стожер е токму ЗМКГБ. Професионалната презентација на рефератите и бројните дискусии, како и заинтересираните учесници во скоро секогаш полната сала, беа најдобра потврда за квалитетот на одржаниот конгрес за брани. Со овој конгрес, од една страна, се продолжи традицијата на ЗМКГБ на секои четири години да одржува ваква манифестација, и од друга страна, со меѓународниот карактер се унапредија активностите од претходните години, кои се карактеризираа со проширена соработка со националните комитети за брани од нашиот регион.
Во рамките на конгресот за брани, после завршувањето на пленарните сесии, се одржа Изборно собрание на Здружението МКГБ. На изборното собрание одржано на 17.10.2025 во Скопје, беа избрани раководни органи на ЗМКГБ за следниот мандатен период од 4 години. Беше избрано ново претседателство составено од 11 членови, истакнати и докажани експерти за брани, како од компании за изградба на брани и оперирање со хидросистеми, така и од институции и фирми за истражување и проектирање на истите. За претседател на ЗМКГБ беше избран проф. д-р Стевчо Митовски (ГФ, УКИМ, Скопје), а за генерален секретар беше избран м-р Славко Милевски (АД ЕСМ, подружница ХЕС Црн Дрим, Струга). На Изборното собрание беа доделени следните титули: Звање заслужен член на ЗМКГБ на Драги Дојчиновски, професор во пензија од ИЗИИС, Плакета за животно дело на Љубомир Танчев, професор во пензија од ГФ, и Звање почесен претседател на ЗМКГБ на Љупчо Петковски, професор на ГФ, Скопје
На крај, треба да се истакне, дека покрај теоретскиот дел на конгресот, успешно беше спроведен и практичниот дел, со стручна посета на единствената контрафорна брана во С. Македонија, браната Прилеп на 18.10.2025 година. На обиколките на објектите на преградниот профил, им претходеше концизна презентација на браната со придружните објекти од претставник на операторот – АД ВС РСМ, подружница Прилепско Поле. Ја ползуваме оваа можност, во името на Здружението МКГБ да се заблагодариме на љубезните домаќини за презентацијата на хидројазелот Прилеп и организацијата на теренска посета, како и на сите фирми и институции (докажани пријатели на ЗМКГБ), кои со својата несебична финансиска поддршка помогнаа во реализацијата на 6-тиот Конгрес за брани.

поздравен збор од Претседателот на ЗМКГБ, проф. Љупчо Петковски
Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, свечено отворање на Конгресот, обраќање на Деканот на Градежен факултет, проф. Јосиф Јосифовски
Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, свечено отворање на Конгресот,
обраќање на Претседателот на Инженерската институција на Македонија - ИМИ, проф. Андреј Лепавцов

Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, свечено отворање на Конгресот,
обраќање на Раководителот на Одделението за градежништво на КОАОИ, проф. Маријана Лазаревска

Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, пленарна сесија 1 на Конгресот

Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, пленарна сесија 2 на Конгресот

Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, Изборно собрание на ЗМКГБ,
доделување на Плакета за животно дело на проф. Љубомир Танчев

Конференциска сала на КОАОИ, Скопје, 17.10.2025, Изборно собрание на ЗМКГБ,
обраќање на новоизбраниот претседател проф. Стевчо Митовски

Преграден профил на браната Прилеп, 18.10.2025, учесници на стручната посета