Град: Скопје
ЈАН ГЕЛ - ДОАЈЕН НА ПРОЕКТИРАЊЕТО НА ЈАВНИ ПРОСТОРИ
Се најавува посета на господин Јан Гел вистински доајен на проектирањето на јавни простори и незаменлив филозоф кој се бави со градовите, а неговите извонредни домети се навистина глобални. Тој најдобро го проценува квалитетот на животот во градовите, поставува предизвици за нивната иднина, извонредно брзо помага во кризите со кои се соочуваме.Тој навистина ни треба и топло му се заблагодаруваме на издвоеното време.
Во време на неговиот краток престој ќе имаме празнична радост - професорот Гел ќе одржи две предавања на први март 2017 година: едно за студенти на Архитектонскиот факултет, УКИМ, во 10.0 часот и едно отворено за граѓаните на Скопје, во Холидеј Ин во 14,0 часот. Многу генерации ќе живеат посреќно во градов ако се слушаат и послушаат советите на Јан Гел. Се надеваме дека тие ќе бидат инспиративни за многу граѓани, урбанисти, архитекти, политичари, функционери...
Комората на овластени инженери и архитекти на РМ ќе започне уште еден проект и тоа издавање на книгата на Јан Гел „Градови за луѓето“ на македонски јазик како уште една придобивка на добрата воља и симпатиите на авторот кон нас.
Збор два за Јан Гел
Освен што предавал на Данската Кралска Академија тој е во фирмата Gehl Architects-Urban Quality Consultants, твори и пишува книги, како на пример Градови за луѓето, Живот помеѓу згради, Нови градски простори, Јавни простори – јавен живот и многу други. Работел за Копенхаген, Ротердам, Стокхолм, Лондон, Аман, Мелбурн, Сиднеј, Сан Франциско, Сиетл, Њујорк и др. (а би можел и за Скопје!). Инаку е почесен член на Кралскиот Институт на Англија - RIBA, на Американскиот Институт - АВА, на Канадскиот Институт - RAIC, Институт за архитектура на Преторија - PIA. Ги следи и анализира развојните патишта на градовите повеќе од 50 години и ја смета својата работа за привилегија, а начинот на планирање на градовите и начинот на кој тие се развиваат радикално се сменија во тој половина век. Некаде до 1960 год. градовите се развиваа врз стекнатото искуство низ вековите и се подразбираше дека тие се создаваат за луѓе.
Прфесорот Гел вели дека во моментот кога дојде до нагласен урбан раст, развојот на градот е доверен на профсионалците - урбанистите. Теории и идеологии постепено ја презедоа улогата која дотогаш ја имаше традицијата. Настана силно влијание на модернизмот во смисла да градот се гледа како машина со јасна поделба на функции. Освен тоа сообраќајните инженери станаа значајна група која почна да изнесува теории и прописи за најдобри услови за автомобилскиот сообраќај.
Во текот на сите овие години ни урбанисти, ни сообраќајни инженери не придаваа голема важност на градскиот простор, на градскиот живот, а скоро ништо не се знаеше на влијанијата на физичките структури на однесувањето на луѓето. Многу покасно се препознаа драстичните последици на луѓето кои оваа врста на планирање на градскиот простор ги овозможи и остави. Начелно гледано, урбанисичкото планирање беше проблематично, а фактот да виталните функции на градот бараат внимание и грижа на професионалци , не беше прифатена.
Со време стекнатите знаења за врските помеѓу физичките структури и човековото однесување овозможија да знаеме што треба како примарно да се стори. Емотивните врски со просторт станаа важни а кај нас културата на протести овозможи гласно спротивставување на некои непромислени одлуки. Едноставно, градот и неговите жители бараа гласно урбанистичкото планирање да се фокусира на луѓето и нивните искази.
Денес, сепак е јасно дека во 21-от век како нова смерница е грижата за луѓето, а поставените цели од пресуден значај се да градовите бидат што поживи, побезбедни, поздрави и поодрживи.