ПРЕСИНГ | Година, 2012

Пресинг 12
fShare
0
Pin It

pdf icon ПРЕСИНГ БР.12

12 : 12

Не станува збор за никакво пророштво. Ниту за дванаесеттиот број на „Пресинг“ издаден во
дванаесеттиот месец на дванаесеттата година. Не се работи ниту за метафора за тоа дека за подобрување на некои состојби во нашето градежништво веќе е поминато и пет до дванаесет.
          Всушност, 12:12 е протест на навивачките групи на фудбалските клубови од германската Бундес-лига против новиот правилник за зголемена безбедност на стадионите, што требаше да биде донесен токму на 12 декември. За него разбрав неодамна, кога присуствував на натпреварот Баер - Нирнберг. Протестот се манифестира со тоа што во првите 12 минути и 12 секунди од секој натпревар, фановите на домашниот и на гостинскиот тим или воопшто не се појавуваат на трибините или, пак, натпреварот го следат во потполн молк, чиниш се работи за театарска претстава. Продуховен, ненасилен, добро осмислен. Вистински граѓански протест. Протест без контрапротест. Стадионот во Леверкузен стокмен со сите нишани.
Трибините покриени со модерна, транспарентна, обесена конструкција низ која се наѕира густ чад, кој претходно целосно прочистен низ моќните филтри, излегува од оџаците на многубројните околни фабрики. Заштитата на животната средина во Германија, а и во останатите земји во развиениот свет, веќе одамна е еден од врвните приоритети. 

           Кај нас, за жал, сè уште само декларативно. Иако присутна во неколку законски решенија, на неа
најчесто се гледа како на нужно зло, како на форма за која веднаш се пронаоѓаат начини за нејзино релативизирање и корумптивно разрешување. Често маргинализирана, како нешто за што сега и не е најпогоден момент да се размислува. Оттаму, можеби, произлегува и несфатливо слабиот интерес на младите за студирање во оваа област. Речиси и да не постои сегмент во градежништвото кој
не е, посредно или непосредно, поврзан со заштитата на животната средина. Од урбанизацијата, употребата на екоматеријали, штедењето енергија, искористувањето на обновливите извори, вградувањето паметни технологии, прочистувањето на отпадните води, зачувувањето на природните водени текови, третманот на градежниот отпад, вградувањето заштитни филтри, начинот на одржување на објектите, па сè до намалувањето на бучавата при градењето и чистењето на камионите на излезот од градилиштата. Широк спектар на мерки и активности, сите насочени кон една цел. Да го користиме она што ни е потребно, но притоа да не го уништиме. Одржлив развој, модерно кажано. Речиси и да не постои сегмент од секојдневниот живот во кој нема простор за екоакција. Од фрлањето ситен смет на места предвидени за тоа, нерасфрлањето пластични ќеси и шишиња што веќе станаа препознатлив декор на нашата природна околина, грижата за заедничките простори, елиминирањето на непотребното трошење електрична енергија (макар се работело и за обична светилка), редуцирањето на потрошувачката на вода за пиење, неистоварувањето шут на „ничии“ површини и во сечии речни корита... Работи што се учат од мали нозе.
Однесување што треба полека да стане начин на живеење.
Претстојните празници и времето во кое живееме мотивираат и на продлабочена размисла за потреба од
своевидна посеопфатна заштита на животната средина. Заштита што во себе ќе ја опфати и заштитата на личната, внатрешна животна средина. Онаа заштита што ќе го спречи нејзиното самозагадување и самоуништување од сè поприсутните современи агресивни загадувачи: алчноста, бескрупулозноста, лицемерството, суровоста, зависта, нетолерантноста, полтронството, себичноста, индиферентноста, дволичноста, манипулативноста, отуѓеноста... Заштитувајќи се себеси, ќе ја заштитиме и нашата околина што, впрочем, е и еден од основните критериуми за остварување лична среќа.

Токму затоа, почитувани колеги, „Пресинг“ Ви ја честита Новата 2013 година со број што тематски е посветен на заштитата на животната средина.