Томаж Криштоф од Словенија беше еден странските гости што учествуваа на Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола. Како основач на Студиото Криштоф, професионално дејствува со големи станбени проекти, реновирање на станбени блокови изградени по Втората светска војна и истовремено ја истражува архитектурата како медиум за изразување на општествени пораки.
Тој е докторанд на Архитектонскиот факултет во Љубљана и редовен соработник на Факултетот за градежништво, сообраќајно инженерство и архитектура на Универзитетот во Марибор. Од 2019 до 2023 година бил Претседател на Комората за архитектура и простор Словенија, а моментално е Претседател на одделот за архитектура. После катастрофалните поплави во Словенија од август 2023 година, назначен е за претставник на архитектонската професија во Владиниот совет за обнова.
Криштоф пред стручната публика во Битола се претстави со презентацијата насловена „Архитектурата како политички чин“. На почетокот ја истакна соработката помеѓу Коморите од Словенија и Македонија која неодамна се официјализираше преку потпишаниот меморандум за меѓусебна соработка.
Во воведниот дел направи краток осврт на современата словенечка архитектура започнувајќи од Исламскиот културен верски центар во Љубљана до Културниот центар на европските вселенски технологии во Витање, гратче во Словенија со помалку од 1000 жители. Преку своето излагање, Томаж ги нагласи политиките во Словенија согласно кои без разлика на големината на градовите или нивната местоположба, современа архитектура рамномерно се практикува.
„Ние сме средина каде навистина се очекува многу од архитектите“, истакна Криштоф. „Архитектурата е секогаш политички чин, секогаш узурпира територии и идентитети, секоја зграда е забивање на освојувачко знаме“.
Понатаму направи паралела помеѓу современото значење на архитектурата и друга наука со биолошки аспект. Составен дел на презентацијата беа актуелни проекти на кои работи студиото Криштоф. Таканаречениот проект Riot isolation cube – стаклена призма која со хелихоптер се поставува сред протести беше еден од репрезентите на утопистичките проекти. Покрај случувањата во контекстот, во призмата се одвиваат секојдневни активности.
Со иницијативата за создавање на пешачка улица пред владата на Словенија и концептуалната инсталација за испуштање на солзавец, го прикажа односот на Инвеститорот и Архитектот преку менување на владеачките структури.
Криштоф предавањето го заврши преку персоналното видување и аналогија за таканаречениот проект „Скопје 2014“, во комбинација со македонски идентитетски прашања, што претставуваше вистински епилог на презентираната тема „Архитектурата како политички чин“.
Преземетете презентација на следниот линк.