На 3 септември 2025 година (среда) со почеток во 11:00 часот на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник во Охрид се одржа доделувањето на високото признанието „Инженерски прстен“ за 2025 година.
Признанието се доделува на најдобрите дипломирани студенти во 2025 година од инженерските факултите во нашата држава. Манифестацијата оваа година се одбележува по 22 пат и традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата РСМ, а во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и на Инженерската институција на Македонија.
Претседателката на Комората Кристинка Чулак, честитајќи им на добитниците на овогодинешниот Инженерски Прстен, во своето обраќање истакна: „Инженерството е уметност на практичното чудо“ рекол Леонардо Да Винчи. Вашата задача е токму тоа – да создавате чуда кои ќе им служат на луѓето и ќе ја унапредуваат нашата заедница. Вие денес стоите на темелите поставени од вашите професори и од сите генерации инженери пред вас.
Но од вас очекуваме да гледате уште подалеку и да создавате нови хоризонти, поместувајќи ги границите.
Инженерството и архитектурата не се само професии - тие се повик. Повик да се гради, да се создава, да се осмислува иднината. Без инженери нема патишта, нема мостови, нема енергетски системи, нема современи технологии. Но, уште повеќе – без инженери нема иднина. Затоа, вашата улога е клучна.
Секој од вас доаѓа од различен факултет, со различна специјалност. Но, сите заедно го претставувате вистинскиот мозаик на инженерството – синергија на дисциплини кои, здружени создаваат напредок. Затоа, јас цврсто верувам дека меѓу вас има идни лидери, визионери, претприемачи и носители на големи промени. А нашата земја има итна потреба од млади луѓе како вас — способни, вредни и етички стабилни — кои ќе бидат двигатели на развојот, на иновацијата и на одржливата иднина.
Но, ве повикувам да не ја заборавите човечката димензија на инженерството. Зад секој проект, зад секоја формула, стојат луѓе — нивните потреби, нивните животи, затоа што инженерството, во својата суштина, е уметност на унапредување на човечката егзистенција и креирање на подобри и напредни светови за човекот.
Денес, ние ви честитаме за вашето достигнување, а утре, светот ќе ви го постави прашањето: "Што понатаму?"
Нашата надеж, и нашата верба, е дека вие ќе одговорите со истата страст, одговорност и визија како онаа што ве донесе до ова признание.“
Потоа се обрати Претседателот на Инженерската институција на Македонија Андреј Лепавцов. Во неговото изглагање меѓудругото кажа:
Овој ден не е само обична церемонија. Тој е симбол на посветеност, на умешност, на интелектуална зрелост и на силна волја. Тој е доказ дека упорноста и трудот секогаш имаат смисла и резултат. Овој ден зборува за иднината — и тоа не само вашата лична иднина, туку и за иднината на нашата држава, на нашето општество, на светот што сакаме да го градиме.
Денес, пред нас стојат најдобрите од најдобрите. Вие не само што сте завршиле студии со највисоки оценки, туку сте се докажале и како млади луѓе со исклучителен карактер, љубопитност, и решителност. Секоја ваша дипломска работа, секој ваш проект, секој ваш испит претставува камче во мозаикот на вашето инженерско патување.
Но од денес, тоа патување добива нова димензија. Со примањето на Инженерскиот прстен, вие стапувате во поширока, поживописна и подинамична улога — не само како завршени студенти, туку како амбасадори на инженерството, како идни лидери во индустријата, академијата, и дури и во јавниот сектор.
Овој прстен што денес ќе го носите не е само признание. Тој е обврска. Обврска да ги применувате своите знаења со чест. Да поставувате стандарди на квалитет. Да размислувате долгорочно. Да не заборавите никогаш дека инженерството е професија во служба на општеството.
На крај се обрати највисокиот гостин на настанот Претседателката на Република Северна Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска – Давкова.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
„ Почитувани присутни,
Почитувани и сакани лауреати,
Чинам дека нема подобар простор за промоција на најдоброто во инженерството од овој, на кој никнал Климентовиот универзитет. Причината лежи во фактот дека нашите цркви имаат традиција на црковно-училишни општини. Замислете град со 365 цркви, значи, со 365 училишни општини. Затоа мислам дека час поскоро, треба да се догради Универзитетот на Плаошник.
Прстенот не е само украс, туку значи врзување за нешто многу важно. Тој значи верност, значи посветеност, значи љубов. Сигурна сум дека дека овој прстен значи многу во вашиот, ама и во нашиот живот.
Кога прифатив да бидам покровителка на една ваква манифестација, како што е Инженерскиот прстен, почувствував голема чест. Да се доделуваат прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, не е само сатисфакција и надомест за вашиот труд, за младите инженери, ниту само е потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно усовршување, туку тој чин, мене барем, ми значи потсетување на човечкиот потенцијал кој го имаме, а нема повредно нешто од него, само не секогаш сме свесни за тоа. Ние сме должни да создадеме дополнителни услови за ваше напредување, се разбира, дома, не случајно се раѓаме некаде. Само една татковина секој има, вели Бернард Шо, каде и да одите, се враќате на крајот. За среќа денеска со дигитализацијата и со вештачката интелигенција, можете да бидете истовремено и тука. Одете, натпреварувајте се, докажувајте се, ама враќајте се. Беспредметно е за мене да се зборува за значењето на инженерските професии бидејќи вие не само што ја обликувате сегашноста туку, на сите ни е јасно дека ќе ја обликувате и иднината.
Вие сте тие кои го движите светот, а ние, државата, образовните, научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, сме должни да помогнеме да го реализирате она што го поседувате, највредното, знаењето.
Сакам да кажам збор, два и за самото списание „Инженерство“, и не само за него, туку и за посветеноста на Инженерската институција на Македонија. Да, досега вие бевте ветар, некогаш посилен, некогаш поблаг, ама секогаш дувавте во грбот на македонското инженерство. Вие сте своевидно инженерско огледало, инженерски гласник, просветител научен. Затоа ве охрабрувам и понатаму да соберете под тој прекрасен чадор повеќе инженерски здруженија, да продолжите да придонесувате за развојот на инженерството, преку вложување, не само во знаењето, туку, како што веќе рековте, во интегритетот, во професионалноста, во знаењето, во дигнитетот, во моралот, во етиката.
Јас ве уверувам дека во мене и во мојот Кабинет имате искрен поддржувач и партнер, а верувам дека е така и со сите други релевантни институции. Вам сакам да ви посакам да продолжите самите да ги следите соништата, ама и да си ги реализирате идеите, визиите, секогаш да знаете дека тоа што доаѓате од навидум мала земја, воопшто не значи дека не може да имате големи идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката воопшто не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика. Не е можно да ги задржиме најдобрите и најперспективните без соодветна, пред сѐ, реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка кон најдобриот квалитет.
Koпенхагенските критериуми, односно европските стандарди, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научните институции. Ние мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи, каде што нè нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на образовната мрежа. Мора да се концентрираме на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на еднопартиска позадина што продуцира образовна и научна мимикрија наместо валидно образование и наука.
Нам ни требаат европски критериуми за градење на академска кариера. Интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар. Мора да го следиме успешниот модел на соседите. И како индивидуалци и како заедница, јас мислам дека веруваме, јас барем верувам во вашите знаења, вештини, креативност. Убедена сум дека не ви недостасуваат хуманизам, благородност и патриотизам. Создавајте модерен, напреден, но, пред сѐ, морален и поумен свет. ИТ-индустријата, континуирано цвета и расте. За среќа, расте и нејзината популарност кај младите и тоа ме радува. За да имаме дигитална иднина, нам ни треба стратегија како да ве задржиме вас, дигиталната младина тука дома – прстенот не е доволен. Или, како да бидеме во постојан контакт интегрирајќи ве како постојан сегмент на општествениот развој.
Мора похрабро да ја зголемиме поддршката на научните истражувања. Мора да ја осовремениме научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да го олесниме пристапот кон базата на податоци, да ги стимулираме фундаменталните истражувања. Научното истражување мора да биде секогаш поддржано со сигурни финансии. Нашите научници од дијаспората можат да бидат подвижен мост кон светската наука, затоа тие ќе добијат заслужено место во Советот за дијаспора, што набргу ќе се конституира.
Убедена сум, штом моите студенти многу се импресионираа од социјалутопистите и ги прашував зошто: Велат дека не само што биле богати луѓе, туку биле и многу умни, акцентот го ставале на науката, ама и на етиката и на моралот. Се откажувале од богатствата за да создадат градови на сонцето, фаланги… тоа е таа морална димензија.
Затоа мене многу ме бендисува ставот на Сен Симон, кога вели дека клучот за прогресот и за развојот е науката и дека без 10 кралеве или цареве, па светот можеби не би станал многу полош, ама без 10 научници сериозно би го почувствувал тоа. Дури и во Платоновата идеална држава управувањето се врзуваше за филозофите, за знаењето, за способноста, за мудроста. Понатаму, имаше дури и ставови според кои Исак Њутн беше рамен на еден светец, а се зборуваше за научна религија, толку веруваа луѓето во науката.
И јас посакувам меритократија покрај демократијата. Посакувам особено меритократија во администрацијата зашто таа некогаш ги носи клучните одлуки. Посакувам меритократија во дејностите од општ интерес. Посакувам конкурс за сите позиции. Посакувам транспарентна постапка на избор, посакувам одговорност. Цврсто верувам дека само учени луѓе може да разберат и да поддржат наука и научници како вас –носители на драгоцени инженерски прстени. Чувајте ги.
Благодарам.“
(Дополнителни информации и фотографии на сајтот на Претседателката на Македонија).
Потоа беа врачени инженерските прстени на 14 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. Годинешните добитници на ова најпрестижно признание се:
• Фросина Станковска од Архитектонски факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Марко Ѓорѓиоски од Градежен факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Харитина Сакова од Машински факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Васка Зарковска од Технолошко-металуршки факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Рената Павлеска од Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Сара Ацковска од Факултет за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Димитар Пешевски од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Кирил Христовски од Природно-математички факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Теа Костадинова од Факултет за дизајн и технологија на мебел и ентериер при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Катерина Стојкоска од Технички факултет – Битола при Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола
• Софи Гајтановска од Факултет за информатички и комуникациски технологии при Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола
• Сара Панева од Факултет за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип
• Бојана Тасева од Факултет за информатика при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип
• Гзим Дервиши од Факултет за применети науки при Државен Универзитет во Тетово
Во име на добитниците на овогодинешното признание, пред присутните, се обрати Харитина Сакова.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери, во име на сите свои членови, им честита на добитниците и им посакува уште поголеми успеси, како на личен, така и на професинален план.
Во продолжение фотогалерија од настанот: