Во периодот од 4-7.10.2017 год. во Охрид се одржа 17. Меѓународен Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија. Симпозиумот го поздрави и го отвори Министерот за транспорт и врски, г-дин Горан Сугарески.
Симпозиумот беше посветен на тема која одсекогаш била предизвик за градежните конструктори, а тоа е влијанието на природните катастрофи врз конструкциите. Природните катастрофи, како: земјотреси, цунами, лизгање на земјиште, поплави, суши, вулкански ерупции и сл. се предизвикани од природни сили.
Предизвиканите катастрофи, како: истурање на опасен материјал, експлозии, пожари и сл. се резултат на човечки активности. Тенденциите на градежните конструктори, во случај на природни катастрофи, се да се минимизираат ефектите, а во случај на предизвикани катастрофи, со внимателно планирање и превенција, да се избегне можноста од нивно случување. За жал природните и предизвиканите катастрофи се тесно поврзани и испреплетени и најчесто една катастрофа е следена од друга, но тука е улогата на градежните конструктори да ги дефинираат можните сценарија и да превземат соодветни мерки за да ја обезбедат сигурноста на објектите.
Целта на 17. Меѓународен симпозиум, на кој присуствуваа над 250 стручни лица од земјата и странство, беше токму тоа, градежните конструктори да дискутираат за можностите за предвидување, превентива и намалување на негативните ефекти од природните и предизвиканите катастрофи. Презентирани беа 112 научни и стручни трудови од истакнати поединци од 12 земји и 3 континента, и тоа: Канада, Кина, Данска, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија. Своето искуство во процена на ризикот, посебно при сеизмички влијанија, пожар, ветер и екстремни климатски влијанија, го презентираа повикани предавачи од Канада, Н.Р. Кина, Данска, Италија, Србија и Македонија.
Традиционално, беа доделени Признанија на ДГКМ за најдобри остварувања во областа на градежното конструкторство во 2015 и 2016 година, во три категории: теориско и/или експериментално истражување на конструкции, проектирање на конструкции и градење на конструкции.
Во рамките на Симпозиумот се одржаа и две тркалезни маси. Првата тркалезна маса беше посветена на Законот за градење и потребите од негови измени и дополнувања, додека втората тркалезна маса беше посветена на имплементацијата на Регулативата за градежни производи CPR 305/2011.
Симпозиумот беше подржан од Генералните спонзори АД БЕТОН и АД ГРАНИТ, како и од голем број градежни компании кои имаа можност да ги презентираат своите производи и активности.
Фотографии