Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ), во Струга, во периодот од 28 до 30 септември 2017 година, се одржа четвртиот конгрес за брани. За конгресот беа доставени 46 реферати, од кои 41 беа прифатени од Редакцискиот одбор да бидат отпечатени во Зборникот, а 34 беа избрани за говорна презентација на седум пленарни сесии. Меѓународниот редакциски одбор беше составен од еминентни професори во областа на хидротехниката, од Македонија, Словачка, Австрија, Романија, Словенија, Србија, Грција и Бугарија. Рефератите беа на македонски јазик (27) и на англиски јазик (14), а беа подготвени од автори од Македонија (28), Србија (6), Германија (1), Швајцарија (1), Словенија (1), Бугарија (1), Црна Гора (1), Хрватска (1) и од Косово (1).
На 28.9.2017 година, на Свеченото отворање на Конгресот во конференциската сала на хотелот Дрим во Струга, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, Претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот одбор. На делегатите на Конгресот им се обрати Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Влада на Р. Македонија, кој го истакна значењето на браните во Македонија, како клучни објекти на водостопанската инфраструктура. Пригодно обраќање до учесниците на Конгресот со посакување на успешна и плодотворна работа имаа: проф. Тодорка Самарџиоска - продекан за наука на Градежниот факултет, УКИМ и претставник на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Р. Македонија, Емрла Укшини - директор на АД ВС на Р. Македонија, проф. Влатко Шешов - директор на ИЗИИС, УКИМ, проф. Милорад Јовановски - претседател на Друштвото за геотехника на Македонија и Максим Прокхоров - директор за развој и инвестиции на рудникот Саса, М. Каменица.
На конгресот имаше околу 140 учесници, каде најбројни беа од Македонија, но имаше и учесници од Србија, Италија, Норвешка, Шпанија, Словенија, Бугарија, Kосово, Албанија и Босна и Херцеговина. Рефератите во Зборникот беа подредени според четирите теми предвидени за Конгресот: 1. Истражување и проектирање на хидротехнички објекти, (16 реферати), 2. Искуства од градење на брани и хидројаловишта, (5 реферати), 3. Одржување, оскултација и санација на брани и придружни објекти, (10 реферати) и 4. Регулатива, финансирање и оперирање со хидросистемите, (10 реферати). Во склоп на конгресот се одржа и Тркалезна маса „Еколошки аспекти на инженерството за брани“, каде активно учество имаа и претставници на пет еколошки здруженија од Македонија.
Со одржувањето на конгресот беше исполнета основната цел на собирот - размена на искуства и трансфер на знаења во „Инженерството за брани“ во Македонија, чиј главен стожер е токму ЗМКГБ. Професионалната презентација на рефератите и бројните дискусии, како и заинтересираните учесници во скоро секогаш полната сала, беа најдобра потврда за квалитетот на одржаниот конгрес за брани. Со овој конгрес, од една страна, се продолжи традицијата на ЗМКГБ на секои четири години да одржува ваква манифестација, и од друга страна, со меѓународниот карактер се унапредија активностите од претходните години, кои се карактеризираа со проширена соработка со националните комитети за брани од нашиот регион.
Во рамките на конгресот за брани, после завршувањето на научниот и стручниот дел, се одржа Изборно собрание на Здружението МКГБ. На изборното собрание одржано на 29.9.2017 во Струга, беа избрани органи на ЗМКГБ за следниот мандатен период од 4 години. Беше избрано ново претседателство составено од 11 членови, истакнати и докажани експерти за брани, како од компании за изградба на брани и оперирање со хидросистеми, така и од институции и фирми за истражување и проектирање на истите. За претседател на ЗМКГБ беше избран проф. д-р Љупчо Петковски (ГФ, УКИМ, Скопје), а за генерален секретар беше избран м-р Славко Милевски (АД ЕЛЕМ, подружница ХЕС Црн Дрим, Струга).
Новото претседателство на ЗМКГБ ќе треба да ја координира работата на здружението во идниот период, со цел да го одржи континуитетот востановен од нивните претходници. Задачите на ЗМКГБ со следниот период се базираат на основната мисија на здружението - следење на најновите сознанија и размена на искуства од практичен и теориски аспект за истражување, проектирање, градење и одржување на браните. Затоа, активностите на ЗМКГБ ќе се однесуваат на организација на барем една манифестација во тек на годината, зајакнување на соработката со националните комитети за големи брани во регионот, како и активно учество на нашите членови во работата на: Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) - најавторитетната институција за брани во Светот и Европскиот клуб на ICOLD. Целта на наведените активности е унапредување на Индустријата за брани во Р.Македонија, чија основна карактеристика е мултидисциплинарноста и континуитетот на знаењето.
На крај, треба да се истакне, дека покрај теоретскиот дел на конгресот, успешно беше спроведен и практичниот дел, со стручна посета на браната со придружните објекти Стрежево на 30.9.2017 година. На обиколките на објектите на преградниот профил им претходеше презентација на управувачкиот систем со ХМС Стрежево во управната зграда во Битола. Ја ползуваме оваа можност, во името на Здружението МКГБ да се заблагодариме на љубезните домаќини од ЈП ХМС Стрежево за професионалната презентација на хидросистемот и организацијата на теренска посета, како и на сите фирми и институции (докажани пријатели на ЗМКГБ), кои со својата несебична финансиска поддршка помогнаа во реализацијата на конгресот за брани.
Фотографии