На 1 јуни 2018 година, во просториите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија беше промовирана книгата „Како летаат авионите” на авторот Ѓорги Чачкиров, пилот и хроничар на македонското воздухопловство.
„Како летаат авионите“ е првата македонска книга со едукативно популарни содржини од областа на цивилното воздухопловство.
Промоторот на оваа книга Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, изјави: „Оваа книга претставува единствено дело од ваков вид во нашава земја. Би ја сместиле во групата на едукативно-популарна литература, преку која сообраќајната авијација се доближува до пошироката популација, а посебно за оние кои патуваат со авион. Иако, на изглед, има стручен наслов, во неа на едноставен и популарен начин се објаснети повеќе теми и субјекти кои учествуваат во реализација на транспортните комерцијални летови. Во неа е посветено внимание на тоа каде и како летаат авионите, кој и како ги управува, нивна конструкција и изградба, ракувањесо инструментите и опремата, нивно одржување, страв од летање, но и однесување на патниците во и вон авион”.
Рецензентот на книгата Емил Георгиев укажа на важноста на една ваква книга за патниците кои летаат со авиони.
„Можеби, многумина од обичните патници не знаат дека поради недоличното однесување можат да бидат прогласени за непожелни патници во авиосообраќајот, а тоа ќе го прочитаат овде и ќе го запаметат. Ќе запаметите и тоа дека домаќините и домаќинките, популарните стјуардеси во авионот имаат првенствена задача да се грижат за нашата безбедност и да бидат подготвени да реагираат во несакани случаи, а не да бидат сервис за услуга бидејќи авионскиот простор не е ресторан. Во таа насока, ни тоалетот не е простор за долготрајни естетски и други дотерувања, тоа се тоалети за краткотрајна употреба на сите патници”, рече Георгиев.
Книгата е издание на „Елита“ од Скопје.
Авторот Ѓорги Чачкиров е роден во Скопје, по професија сообраќаен инженер – професионален пилот, од своите најрани години има зачекорено низ лавиринтите на македонското воздухопловство, од моделарство, преку едриличатсво и моторно летање, до наставник за обука на пилоти и раководител на повеќе воздухопловни субјекти во Македонија. Како дел од цивилната авијација дочека и пензионирање. Првата своја книга, која воедно беше и прва воздухопловна литература на македонски јазик, ја има напишано во дамнешната 1981 година со наслов „Воздухопловно моделарство”. Потоа, следеа и други негови книги кои го збогатуваа фондот на македонската воздухопловна литература.