Работилница насловена „Имплементација на Еврокодовите на Балканот“ во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија, се одржа на 10 и 11 октомври 2018 година во хотел Интернационал во Тирана, Албанија.
Д-р Петар Цветановски, дипл.град.инж., како претставник од Комората на овластени архитекти и овластени инженери, учествуваше со презентација на тема Имплементацијата на Еврокодовите од гледна точка на Комората.
Покрај учеството со презентации, на експерти од земјите членки на ЕУ на тема Искуства во имплементацијата на Еврокодовите, учествуваа и поканети претставници од Балканските земји (кои не се членки на ЕУ), и тоа: претставници од стандардизационите тела (огледални комитети на CEN TC250), претставници од инженерските комори и претставници од надлежните државни органи.
Беше изложена актуелната состојба во имплементацијата на Еврокодовите во Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Турција.
Беше констатирано дека состојбата во Македонија е слична со состојбите во Албанија, Србија и Молдавија, односно постојат преводи на Еврокодовите, Националните анекси се скоро изготвени, но нема прогласување, од надлежните државни органи, на Еврокодовите како паралелна регулатива во проектирањето на градежните конструкции, или нивна категоризација во Рамките на Националната Регулатива (NRF).
Во излагањето на д-р Петар Цветановски, беше претставена нашата комора како и нејзините активности и вложувања во процесот на имплементација на Еврокодовите во Македонија. Беше елебориран дописот до Владата на Република Македонија од 2015 година и дадените предлози за натамошниот процес на имплементација. Во заклучоците беше наведено дека КОАИ е најприкладна институција во Македонија за организирање на процесот на имплементација на Еврокодовите, особено во делот на професионална дообука на инженерите (CPD).