– Во Македонија и во сите држави од овој простор има се поголем недостиг од инженерски кадар, а особено од добар професонален кадар со овластувања. Тоа прашање Комората на овластени архитекти и инженери не може да го решава сама, туку тоа треба да се прави заедно со донесувачите на одлуките во државата, министерствата, стратегиските центри за развој… Нашето чувство е дека во Македонија во иднина ќе остануваат се помалку инженери, вели Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери во интервју за МИА.
Тоа, посочува, повеќе е општествено, политичко и социјално прашање, а не прашање на продукција.
– Инженерската професија не е премногу атрактивна. Ако гледаме социолошки или општо во развојот на државите ќе забележиме дека сега семејствата имаат по едно до две деца и се многу внимателни каде ќе го насочат своето дете за да има иднина. Многу семејства одлучуваат дека ваквата тешка професија не е за нивното дете, дека е подобро да биде лекар или правник, адвокат… Најчесто луѓето во нашите професии ги замислуваат во син мантил, со шлем на главата, на градилиште или фабрика. Воедно инженерските професии останаа тешки и по начинот на добивање диплома и по начинот на заработка. Исто така Европската заедница случајно или намерно ги отвора границите и ги привлекува особено инженерите, лекарите, да се движат кон Западна Европа, давајќи им поволни услови, укажува Димитровски.
Во Македонија има од 26.000 до 27.000 инженери. Овластување им се потребни на тие со ангажмани според Законот за градба, односно кои се инженери во инвестициска градба. Од пријавени 7.000 инжинери за овластување 3.500 се активни со важечки коморски овластувања.
Македонското овластување е рамноправно со овластувањата во сите држави во Европскиот совет на инженерски комори и тоа прашање е регулирано правно со договор со шест држави, а со останатите се договара. Наши инженери работат во Германија, Шпанија, која е најстрога во тој дел, Италија, Бугарија. Нашите инженери повеќе одат во странство за стандардни работи или ги следат нашите фирми кои добиваат работа надвор.
Досега Комората издала потврда за важноста на овластувањата на 500 странски инженери од 21 држава.
Интервју:
Скопје, 16 декември 2018 (МИА) – Одливот на инженерскиот кадар, признавањето на овластувањата на инженерите, најавената нова регулатива во градежништвото, урбанизмот и просторното уредување, решенијата за намалување на загадувањето, се темите на кои разговаравме со д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери.
- На последното Генерално собрание на Европскиот совет на инженерски комори Вие сте избрани за еден од тројцата потпретседатели. Што претставува за Вас овој избор и кои се придобивките?
Овој избор не е случаен, дојде по напорна повеќегодишна работа на луѓето од Комората. Пред една година во Македонија, под покровителство на претседателот на државата, се одржа 14. Генерално собрание на кое беа сите претседатели на европските комори. Потоа поработевме уште малку на ова прашање и на крај по иницијатива на Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија едногласно беше одлучено да ме делегираат и поддржат да станам потпретседател на ЕЦЕЦ. Задоволството е уште поголемо кога истата одлука ја поддржа Управниот одбор на Комората и на 16. Генерално собрание во Загреб бев избран за еден од тројцата потпретседатели. Претседателството се состои од еден претседател, кој е од Австрија, и тројца потпретседатели, од кои едниот е претседател на Германската комора, другиот на Полската комора и ние од Македонија.
Генералниот скретар на ЕЦЕЦ е од Италија. Таму сме примени како Република Македонија и тоа за нас е гордост додека е тоа така. Очекуваме дека натамошни привилегии од моето работење ќе бидат постојаниот допир до европските директиви и можноста да се влијае на тие директиви во врска со мобилноста на инженерскиот кадар и со регулирање на професиите. Внатрешната бенефиција би била дека како една од младите комори влеговме во европските институции уште пред државата да влезе во ЕУ. За членството секогаш е придобивка кога навреме или предвреме ќе ги добие информациите и ќе знае што се случува. Се надевам во наредниот мандат кој трае три години ќе има бенефиција не само членството туку и државата и останатите балкански држави кои беа иницијатори на овој избор.
- Кои се клучните активности и предизвици на Комората на овластени архитекти и овластени инженери?
Во претходните две години се обидовме да го трансформираме односот во Комората. Нормалното коморско работење го стандардизиравме воведувајќи стандарди ИСО 9001, стандарди за канцелариско работење, и тој процес го ставивме на еден колосек во кој со рамномерна брзина се одвиваат работите без застој. Во нашата комора можете да поднесете барање и во рок од три дена да ви биде решено. Издавањето и сè друго е стандардизирано. Вториот столб на нашите активности беше да се приближиме кон донесувачите на одлуките, Владата и надлежните министерства за нашето работење, да го зголемиме учеството на инженерите во т.н. континуирана професионална доедукација и да ја зголемиме меѓународната видливост и издавачката дејност. Веќе се пласиравме во Европскиот совет, а годинава реализиравме триесетина семенари со учество на по 80 инженери, односно веќе 2.400 инженери влегле овде да се доедуцираат. Издадовме и три-четири книги, меѓу кои е и делото на познатиот архитект Јан Гел. Останува овие три активности во наредните години да ги интензивираме уште повеќе. Во делот на соработката со носителите на одлуките ги таргетиравме процесите на промена на законодавството за трите главни закони кои се поврзани со нашето работење: Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градба и Законот за јавни набавки, за кои сметаме дека треба да бидат донесени во иста процедура затоа што се многу испреплетени. Веќе ги дадовме нашите подобрувања во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање и голем дел од нив се внесени во новата верзија. Очекуваме деновиве да се појави Законот за градење, каде што исто така имавме многу сугестии. Третиот закон, Закон за јавни набавки веќе се наоѓа во процедура на донесување. Во него ќе се замени условот за најниска цена со најповолен економски оператор, кој во себе содржи и квалитет наместо само квантитет што е постојана заложба на Комората
- Кои се конкретните забелешки и сугестии на Комората за тие закони?
Нашата главна насока беше да не се доградува стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање и да се напише нов, што беше прифатено, а новиот да ги уреди прашања на просторно и урбанистичко планирање на современ европски начин. Така е и постапено. Ситните забелешки дека треба да се оформат фирми за просторно и урбанистичко планирање во големите пет-шест центри во државата, а тоа да не биде препуштено на поединци како што е во претходниот закон, би биле главната придобивка. Тука е и прашањето на овластувањата за ревизија и изработка на урбанистички планови и сè она што нашето професионално одделение за урбанизам и просторно планирање го сублимираше од практиката. Во однос на Законот за градба, Комората беше заинтересирана за регулирање на две важни прашања: класификација на објектите бидејќи во минатото дел од класификацијата на објектите беше техничка, а дел за потребите на властите, разни големи објекти беа сместувани во друга категорија за да може процедурата да ја води државната наместо општинската управа. Во тој дел би сакале да има класична техничка поделба на објектите од прва и втора категорија, не само според тоа кој одлучува во постапката за градење, туку во зависност од сложеноста на објектите. Втората забелешка беше во однос на коморското работење и овластувањата. Дадовме околу 200 сугестии за подобрување на законот кој претходно имаше 27 промени. Имаме информации дека е завршен и оти деновиве ќе го имаме на маса. Придонесот е што Комората има активно учество од првиот ден кога е почната промената на законот.
- Каква е состојбата со признавање на овластувањата на домашните инженери во странство и нивниот ангажман?
Една од причините зошто јас и Комората бевме предложени во Европскиот совет беше и податокот дека сме најлиберални во однос на овластувањата. Законодавецот на Комората ѝ дозволи да проценува во врска со мобилноста и валидноста на овластувањата. Ние веќе шест години воведовме принцип дека сме отворена комора за влез на странски инженери и за излез на нашите инженери, односно за нивната мобилност. Сега во комората 500 странски инженери од 21 држава имаат добиено потврда за важноста на нивното овластување во Македонија. Имаме потпишано мултилатерален договор со Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија за меѓусебно прифаќање на овластувањата, а исто така имаме и дополнителни билатерални договори за целосно прифаќање со Бугарија и со Словенија. Со другите држави и покрај тоа што договорот е мултилатерален, проблем беше само финансискиот надомест што нашите инженери го плаќаат за овластувањата, а сè друго беше регулирано. Исто така, со Австриската комора имаме потпишано договор за меѓусебно прифаќање на овластувањата без поголеми процедури. Значи, сме се обиделе да ги отстраниме пречките. Имаме сознание дека наши инженери работат во Германија, во Шпанија, која, пак, во тој дел е најстрога, во Италија, Бугарија. Во последните десет години, пак, нам повеќе ни требале специфични инженерски кадри, за желечнички пруги, мостови, за нешта за што немавме кадар, а нашите инженери повеќе одат во странство за стандардни работи или ги следат нашите фирми кои добиваат работа надвор. За жал, малку има наши фирми кои добиваат работа во странство и се појавуваат како подизведувачи. Македонското овластување е рамноправно со овластувањата во сите држави во Европскиот совет на инженерски комори и тоа прашање е регулирано правно со договор со шест држави, а со останатите се договораме. Бидејќи Директивата за регулирани професии е општо важечка, нашите лични контакти исто така многу помагаат тој процес да не биде запрен и да продолжи.
Во државава имаме од 26.000 до 27.000 инженери, од кои овластување бараат само тие кои работат според Законот за градба. Тие на кои им требаат овластувања се инженери во инвестициска градба, а другите се во производствениот дел и ним не им требаат. Треба овластување затоа што објектот го прават првпат. Нам ни треба гаранција дека тој што ќе проектира зграда треба да има доволно референции и искуство за да му дадеме да ја проектира зградата. Во тој дел имаме 7.000 пријавени инженери кои сакаат да имаат овластување, од нив 3.500 се активни инженери со важечки коморски овластувања. Поделени се во 12 професионални категории: архитекти, градежници, електро, машински, животна средина, енергетска ефикасност, геодезија... Секој во својата специјалност треба да биде овластен да го потпише проектот.
- Го начнавте проблемот со недостигот од инженерски кадри. Која е причината за тоа?
Тоа повеќе е општествено, политичко и социјално прашање, не е прашање на продукција. Инженерската професија не е премногу атрактивна. Ако гледаме социолошки или општо во развојот на државите ќе забележиме дека сега семејствата имаат по едно-две деца и се многу внимателни каде ќе го насочат своето дете за да има иднина. Многу семејства одлучуваат дека ваквата тешка професија не е за нивното дете, дека е подобро да биде лекар или правник, адвокат... Најчесто луѓето во нашите професии ги замислуваат во син мантил, со шлем на главата, на градилиште или фабрика. Воедно инженерските професии останаа тешки и по начинот на добивање диплома и по начинот на заработка. Исто така, Европската заедница случајно или намерно ги отвора границите и ги привлекува особено инженерите, лекарите, да се движат кон Западна Европа, давајќи им поволни услови. Во сите држави од овој простор настанува недостиг од инженерски кадар, а особено недостиг од добар професонален кадар со овластувања. Ова прашање Комората не може да го решава сама, туку тоа треба да се прави заедно со донесувачите на одлуките во државата, министерствата, стратегиските центри за развој... Нашето чувство е дека во иднина во Македонија ќе остануваат сè помалку инженери. Само како куриозитет можам да спомнам дека минатата година беа одобрени 15 стипендии од ЕВН за студенти од факултетите по електротехника, а само двајца се пријавија да ги добиваат стипендиите. Кога ги прашавме другите 13 зошто не ја земаат стипендијата бидејќи таа е приход, тие рекоа чекаме да ја земеме македонската диплома и веднаш да заминеме во Западна Европа. Тоа не треба да го игнорираме како процес. Тоа се случува и на Машинскиот факултет, Технолошкиот. Треба да најде други механизми како нашите инженери да остануваат во нашата држава.
- Како еден од експертите за проблемот со загадувањето на воздухот како го оценувате новото законско решение од Министерството за економија за еколошки лепенки на возилата и кои се, според Вас, најиздржаните и најреални решенија?
Решенијата што во моментот треба да направат нешто се викаат палијативни, а за разлика од нив постојат систематски и долгорочни. Пред да почне овој процес Комората заедно со Македонската академија на науките и уметностите и со Истражувачкиот центар за животна средина и материјали на 1 ноември одржавме собир на тема „Загадување на градовите во Македонија и кои се решенијата". Беа понудени триесетина реферати, секој од своја гледна точка сакаше да го истражи ова прашање. Беше договорено дека ќе има препораки од овој собир што ќе го гледаат целиот процес униформно. Јас 20-30 години се занимавав со моторите со внатрешно согорување, односно специјалност ми е не толку како работат моторите, туку кои се последиците од нивното работење, значи сообраќајот. Кога почнуваме да решаваме еден проблем, за кој периодот за негово решавање се продолжува за десетина години, ако почнеме да работиме денес, резултатите од нашето работење ќе се појават за десет години. Прашањето на загадувањето го раздвоивме на пет главни прашања: индустриското загадување, загадување на домаќинствата, загадување во сообраќајот, урбанизмот и загадувањето, како и зеленилото. За секое од тие прашања има по нешто да кажеме. Не можеме да ставиме црвена или жолта лепенка на индустриски капацитет, тоа не сме го предвиделе, бидејќи нему не можеме да му забраниме да не работи денес, а утре да продлжи да работи, тоа се континуирани процеси што треба да ги одржуваме. Не можеме ниту на домаќинствата да им залепиме црвени, жолти или зелени лепенки бидејќи за да им залепиме црвена лепенка треба да им дадеме опција, односно, на пример, ќе ви залепиме дома црвена лепенка, ама ќе ви донесеме дома електрична греалка. Така што од палијативните решенија од кои може да има мал ефект останаа сообраќајот и возилата. Не се тие поопасни од сè друго што загадува, ама се најлесни за давање видливи резултати. Тука има две размислувања. Прво ние сметавме дека лепенките треба да се дадат врз база на вистинските карактеристики на возилото, а не врз база на нивната административен статус, ако пишува еуро 1, дали е еуро 1, ако пишува еуро 4, дали е еуро 4, бидејќи ние во машинството знаеме дека еуростандардите (карактерстиките) бргу опаѓаат од денот кога ќе го купите возилото. Да речеме, автобусите на ЈСП кои биле еуро 5, по три години станале еуро 3, заради лошото одржување, истрошување итн. Мислам дека ова решение може да го поздравиме бидејќи е прв знак дека донесуваме мерки, почнувајќи и од најнедефинираниот систем кој овде загадува. Вие можете да имате црвена лепенка, но да возите 3.000 километри во годината, а да имате жолта лепенка, а да возите 35.000 километри. Кој од тие двајцата ќе загадува повеќе? Има многу технички прашања, но треба да го поздравиме тоа што Министерството за животна средина почнува да ги движи и решава едно по едно прашањата како сообраќај, индустрија, градежни активности, зеленило. Ако со овој интензитет продолжат на сите пет полиња на кои треба да се решава, можеме да очекуваме дека по десетина години во Скопје ќе има позитивни резултати за загадувањето.
- Кои се, според Вас, најизводливи решенија со резултати?
Решенијата за сложените проблеми не се едноставни, дури и одговорите на многу сложени прашања најчесто се едноставни, но се неточни. Заради тоа за ова прашање треба да се создаваат тимови кои ќе препорачуваат краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Нема универзален експерт кој може да ги реши прашањата целосно. Мора да има тим за урбанизам, тим за сообраќај, тим за индустрија, тим за градежни активности. Тимовите мора да бидат формирани во секој град посебно, на пример Битола треба да се анализира посебно, Скопје на втор начин, со местоположбата, дувањето на ветровите итн., Велес на некој трет начин. Во овој дел треба да направиме сериозен пресврт. Истите луѓе на исти места со исти решенија даваат исти совети 20 години, а од друга страна имаме млади способни инженери кои би можеле наместо нив да предложат нови соверемени атрактивни решенија. Тука треба да се направи промена, да им се даде можност на младите истражувачи, да се набави нова дополнителна опрема и ним да им се даде да почнат да го решаваат проблемот. Да ги заборавиме рециклираните препораки и да почнеме одново од нула да ги решаваме со нови свежи сили. На тој начин и ќе ги задржиме тука нашите инженери на продуктивни проекти кои ќе дадат резултати и за нив и за градот.
Лидија Велковска - МИА