На 24 април 2019 година, на покана од Лимак Холдинг, претставници од одделнијата за архитектура и урбанистичко планирање при Комората ОАИ ја посетија изложбената презентација на мултифункционалниот деловно – резиденцијален комплекс „Дајмонд Скопје“ кој е во фаза на градба.
Претставник од компанијата Лимак Холдинг го презентираше проектот како комплекс во централното градско јадро и неговото сообраќајно поврзување со постоечката сообраќајна мрежа пред инженерите од одделенијата за архитектура и урбанистичко планирање.
Проектот „Дајмонд Скопје“ ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.
Постоечката зграда на Музеј на град Скопје, која се планира да биде возобновена од градските власти, ќе биде умешно вградена во склоп на комплексот.
Површината на вкупниот проект ќе биде околу 325.000 квадратни метри, а целат инвестиција се проценува на 250 милиони евра. Вкупниот број на вработени по изградбата на објектите ќе изнесува 1.500 луѓе. Градежните работи на проектот треба да завршат за 22 месеца.
Лимак Холдинг е основан во 1976 година и е специјализиран за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам. Оперира во 15 земји со вкупно 70.000 вработени.