На 28 јуни 2019 година, на платото на Музејот за современа уметност во Скопје се одржа свечена церемонија за доделување на признанието Инженерски прстен на најдобрите дипломирани студенти за 2019 година. Признанието по 16-ти пат го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
На церемонијата, покрај домаќините, присуствуваа Претседателот на Европскиот совет на инженерски комори - Клаус Туридл, Претседателот на Комората на инженери во Инвестиционото проектирање на Република Бугарија - Иван Каралеев, Ректорот на УКИМ - Никола Јанкуловски, проректори, декани, членови на семејствата на овогодинешните добитници на признанието, минатогодишни добитници и други гости.
Оваа година добитници на признанието се 11 дипломирани инженери (листа на добитници на Инженерски прстен).
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски порача дека ќе се залага за одговорен однос кон образовниот систем и дека младите луѓе мора да добијат нови можности и перспективи за да го реализираат својот потенцијал и стекнато знаење.
- „Посакувам и се надевам дека најголем дел од Вас, своето знаење и искуство стекнато надвор ќе го имплементирате во земјава, се со цел да изградиме едно подобро општество за сите. Примената на нови знаења во сите сегменти, а посебно во развојот на техниката и технологијата и тоа како е битна, бидејќи само со вистински реформи може да постигнеме напредок во земјава. Како што и наглaсив во мојата изборна кампања, како претседател ќе се залагам за одговорен однос кон образовниот систем, младите луѓе мора да добијат нови можности и перспективи за да го реализираат својот потенцијал и стекнато знаење, тука, во нашата држава, а нашите заложби за што побрз влез во евроатлантските структури и чекорите што досега се преземени, се вистинскиот правец во кој ќе продолжиме да се движиме“ - рече претседателот Пендаровски.
Проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, објасни дека најдобрите биле избрани по строги критериуми.
- „Изборот на вашите факултети зборува за квалитетот на дипломата со која што се стекнавте и длабоко сум убедена, дека многу брзо, ќе можете да ја валоризирате со започнување на успешна кариера. Да се биде штотуку дипломиран млад инженер значи дека сте поминале неколку години во факултетско образование, насочено кон изучување на најновите технологии, владеење на фундаменталните законитости во природата, изучувањето на проектниот менаџмент и работа во тим. Сите овие знаења ве прават сигурни и подготвени за нови предизвици, да продолжите со образованието или да почнете професионална кариера“ - порача Спасевска.
Претседателот на Комората ОАИ, Проф. д-р Миле Димитровски во своето обраќање го истакна значењето на ова признание.
- „Наградите се признание за постигнатиот резултат и стимул за понатамошна работа и напори за постигнување на уште поголеми успеси. Во изминатите години се покажа дека признанието инженерски прстен не само што ги истакнаа најдобрите од најдобрите, туку и секој од нив поединечно во натамошната кариера стана уште подобар. Инженерите се упорни луѓе. Замисленото го остваруваат: проектираат, градат, конструрааат, произведуваат нови производи и ги усовршуваат постоечките. Тие се двигатели на натамошниот развој на технологијата, градежништвото и индустријата“ - рече Димитровски.
Претседателот на Европскиот совет на инженерски комори, Клаус Туридл, го поздрави собирот, им посака многу успех во понатамошната кариера на наградените и се заложи да го пренесе ова искуство како добра практика на сите членки на Европскиот совет на инженерски комори. (интегрален текст од говорот на македонски јазик)
Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на настанот, имаше чест да го врачи признанието „Инженерски прстен” на најуспешните дипломирани студенти од факултетите што негуваат инженерски дисциплини во Република Северна Македонија.
Во име на добитниците на Инженерски прстен се обрати Тамара Георгиевска која порача дека успехот ги учи како да продолжат, како да просперираат и признанието „Инженерски прстен“ е токму еден еден таков учител. „Една од многуте светли точки што се на крајот од академскиот тунел….. Да се биде инженер не значи само проектирање на решението за проблемот, имено значи и да ги следиме нашите срца и интуиција, што неретко значи и потешкиот пат, хаотичност, несреденост и бројни предизвици, лекции што ни беа секојдневие уште во студиските денови. Но тоа е она што е адреналинската двигателна сила на еден инженер – предизвиците и неизвесност. Само треба да бидеме доволно храбри во таа културна борба за да градиме иднина заедно“, рече Георгиевска.
Фотогалерија од настанот