Од 4 до 6 септември 2019 година, во просториите на Комората ОАИ, како дел од проектот Рехабилитација на јавните простори во центарот на Скопје се одржа работилница на која се разгледуваа клучните аспекти, предизвици и потенцијали на јавните простори во „Малиот ринг“ на Скопје.
Работилницата имаше за цел собирање на информации за моменталната состојба на јавните површини во посоченото градско подрачје од страна на оспособени стручни лица кои спроведоа теренска анкета. Собраните податоци беа класифицирани како обсервации, проценки и стратешки препораки и ќе бидат користени во понатамошните фази на проектот.
На работилницата, покрај консултантите од Gehl Architects и проектниот тим, беа присутни околу четириесетина учесници составени од инженери делегирани од Комората ОАИ од одделенијата за архитектура, урбанистичко планирање, електротехника, сообраќај и животна средина, претставници од општина Центар, делегирани експерти од администрацијата на Град Скопје, Институтот за јавно здравје, независни експерти, здруженија на граѓани, приватни компании, како и префесори и студенти по архитектура од домашните Универзитети.
Консултантите од Gehl Architects на крајот на работилницата, пред присутните направија куса презентација на сработеното од оваа тридневна работилница и ги поставија контурите на активностите кои следат. На финалната презентација присуствуваше Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Комората ОАИ технички и логистички го поддржа спроведувањето на оваа работилница.
Фотографии од работилницата