Во организација на Здружението Македонски Комитет за Големи Брани (ЗМКГБ), на 18 и 19.10.2019 година, во Слата за конферции во Комората, се одржа 12. Советување за водостопанство и хидротехника.
Во периодот од 1994 до 2003 година беа успешно организирани девет советувања за водостопанството во Р Македонија, со што беше создадена една благородна традиција, која, за жал, во следниот десетгодишен период беше запоставена. Со цел да се обнови оваа традиција, во септември 2014 година и во октомври 2016 година се одржаа 10. и 11. советување за водостопанство и за хидротехника. Овие советувања, во организација на ЗМКГБ, потврдија дека ваквите собири се незаменливи за размена на искуства и на знаења меѓу различните генерации водостопанственици и хидротехничари.
Потребата од одржување на 12. советување за водостопанство и за хидротехника е заради исполнување на целите што во моментот го привлекуваат вниманието на сите инволвирани во овие области. Како прво, денешната генерација водостопанственици и хидротехничари ја имаат одговорноста да се одржува оваа вредна традиција, возобновена со 10. и со 11. советување, и да не дозволат нејзино повторно замирање. Ваквите советувања, како прво, се значајни затоа што обезбедуваат на едно место да се состане водостопанската фела и со сериозни презентации и дискусии на сесиите, но и во неформална порелаксирана атмосфера, да ги идентификува и разреши проблемите од административен и од технички карактер. Второ, имајќи предвид дека најголемиот дел од водостопанската инфраструктура во РС Македонија е од постар датум, се наметнува проблемот за квалитетот на одржувањето и санацијата на хидротехничките објекти. Трето, во последниот период инженерите се судираат со проблеми предизвикани од честата промена на законската регулатива во РС Македонија за изведба на хидроградежни објекти, при што се формализираат административни процедури со кои се одложува реализацијата на објектите, а не се придонесува за нивниот квалитет. Спротивно на ова гледиште, има посочувања дека инженерскиот кадар недоволно ја проучил легислативата и тоа е една од причините за неквалитетна реализација (истраги, проектирање, градење и одржување) на хидротехничките објекти во РС Македонија. И четврто, стопираната реализација на големите хидроенергетски системи во РС Македонија, како на најатрактивните хидрокандидати Луково Поле и Бошков Мост, така и на хидросистемите Црна Река и Вардарска Долина, претставува сериозно енергетско заостанување на земјава. Воедно, доколку големите хидроенергетски објекти бидат реализирани од странски компании (независно од финансиската конструкција за нивна изградба), тогаш, за жал, се напушта концептот дека тие претставуваат развојни проекти за РС Македонија. Исто така, треба да се земе предвид дека без развојни проекти во кои ќе бидат ангажирани сопствените технички експерти и домашниот градежен и индустриски потенцијал, не може да се очекува технолошки напредок и просперитет на државата.
Иницијативниот одбор за организација на 12. советување за водостопанство и за хидротехника во февруари 2019 година ги донесе следниве одлуки. Прво, советувањето да биде со меѓународен карактер затоа што и на минатите советувања имаше реферати од странство и беше презентирано интернационално искуство во доменот на водите. Второ, во иднина овие советувања да се одржуваат барем еднаш на секои четири години. И, трето, советувањето да биде организирано од Здружението „Македонски комитет за големи брани“ (ЗМКГБ или MACOLD), кое претставува еден од главните стожери на хидротехниката во земјава. Здружението е стручна, невладина и непрофитабилна инженерска организација и е член на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) во континуитет од 1950 година. Процената дека Здружението ќе биде успешен организатор на ова советување беше поткрепена со фактот дека во периодот 1999-2018 година, ЗМКГБ се докажа со реализацијата на 13 научни собири.
За 12. советување за водостопанство и за хидротехника пристигнаа поголем број реферати, а Редакцискиот одбор прифати 24 да бидат отпечатени во зборникот посветен на советувањето. Рефератите беа на македонски јазик (17) и на англиски јазик (7), подготвени од автори од Македонија (18), Словенија (2), Словачка, Турција, Србија и од Бугарија (по еден). Рефератите во Зборникот беа подредени според темите предвидени за советувањето. Т1, Одржување, санација и надградба на хидросистеми со брани за водни акумулации и хидројаловишта (1), Т2, Истражување, проектирање, градење и оскултација на брани со хидротехнички објекти (8), Т3, Користење на повеќенаменски водостопански системи (8), Т4, Практична примена на законската регулатива во водостопанството и хидротехниката (2), Т5, Стопирана реализација на големи хидроенергетски системи во РСМ (1), и Т6, Наводнување и одводнување (4).
На 18.октомври, на Свеченото отворање на советување, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, Претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот одбор на Советувањето. На учесниците на Советувањето им се обрати Трајан Димковски, Министер за Земјоделство, Шумарство и Водостопанство, кој го истакна значењето на водостопанството во Македонија, на актуелните брани кои се во тек на градба (Конско, Гевгелија) и во завршни припреми пред градба (Речани, Кочани), како и на потребата од рехабилитација на старите и изградба на нови хидромелиоративни системи. Потоа, до учесниците се обрати Ана Петровска, државен секретар за животна средина на МЖСПП на РМ, која подвлече дека водостопанските објекти се карактеризираат со најголемо влијание врз животната средина, и затоа треба да се третираат според концептот за интегрален и одржлив развој. Пригодно обраќање до учесниците на Советувањето со посакување на успешна и плодотворна работа имаа традиционалните поддржувачи на манифестациите организирани од ЗМКГБ, проф. Златко Србиноски, Декан на Градежниот факултет во Скопје и Миле Димитровски, Претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РС. Македонија.
На 12. Советување за водостопанство и хидротехника, на која присуствуваа околу 120 учесници, во три работни сесии, имаше успешни презентации и интересни дискусии по 21 реферат, кои беа образложени со говорни презентации во три работни сесии, од кои првата беше на англиски јазик. Сето тоа овозможи размена на искуство и знаење - особено значајно за помладите кадри од водостопанската и хидротехничката фела, што претставува основна мисија на ваквите настани.
Покрај теорискиот дел на Советувањето, беше успешно спроведен и практичниот дел на 19. октомври, со стручна посета на хидројазелот Лисиче, Велес. Од страна на работниот тим на ЈП Лисиче, беа презентирани основните податоци на хидројазелот, детали од изведбата и проблеми со експлоатацијата, како и параметри од досегашниот период на користењето на браната со придружните објекти.
На крајот, ја ползуваме оваа можност да се заблагодариме на авторите на рефератите, на членовите на организациониот одбор и на редакцискиот одбор за пожртвуваната работа, на презентерите и на активните учесници на Советувањето (кои добија сертификати со 3 CPD поени) и секако на спонзорите на манифестациите организирани од ЗМКГБ во 2018/19 година, без чие разбирање и финансиска поддршка, одржувањето на ова Советување, со масовно учество на претставници од водостопанските и градежните претпријатија, практично би било неизводливо.
Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје
Фотографии од настанот