На 5 ноември 2019 година, во Салата за конференции на Комората ОАИ се одржа еднодневен семинар насловен „Што уредуваат Законот за градежни производи и нацрт националните стандарди од нехармонизираното подрачје?“.
Законот за градежни производи („Службен весник на РМ“, бр. 120/2018) според хармонизираното подрачје ги уредува и условите за пуштање на пазар на градежните производи од нехармонизирано подрачје, условите при увоз на градежните производи, како и роковите за нивна подготовка и нивна задолжителна примена.
Важно е да се нагласи дека со одредбите на Законот и понатаму се уредува надзор и контрола на градежниот производ, како на пазарот така и при вградување на истиот во градежниот објект кој е во надлежност на надзорниот инженер на градилиштето.
Посебно се регулира контролата на производите, односно документите кои се неопходни за пласман на производот на пазарот од хармонизирано и нехармонизирано подрачје како и контролата при нивното вградување во градежниот објект.
Согласно член 8 од Законот, од страна на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, изработени се национални македонски стандарди кои го покриваат нехармонизираното подрачје.
Нацрт македонскиот стандард Н МКС 1021:2019 Челик за армиран бетон: прачки, котури и производи добиени со одмотувањена котури – Карактеристики, кој е изработен од страна на ИСРСМ ТК 25, ги наведува барањата на челик за армирање, што може да се заварува и што се користи за армирање бетонски конструкции. Стандардот вклучува челик во вид на прачки, котури и производи добиени со одмотување на котури. Стандардот содржи одредби за две класи на челик со карактеристична јакост при развлекување од 500 MPa, но со различни класи на дуктилност. Двете класи се B500B и B500C.
Имплементацијата на стандардите, се очекува да придонесе зголемена ефикасност на контролата на градежните производи и спречување на нелојалната конкуренција на пазарот.
Согледувајќи го овој факт, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија во соработка со Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија го организира овој семинар за стручни лица заинтересирани за подетално запознавање или надополнување на своите знаења во оваа многу значајна област.
Обучувачи на семинарот беа д-р Соња Черепналковска, дипл. град. инж., раководител на секторот за стандардизација при Институтот за стандардизација на РСМ, вон.проф.д-р Тони Аранѓеловски, претседател на ИСРСМ ТК 25-Бетон, производи од бетон и ѕидарија и доц.д-р Денис Поповски, член на ИСРСМ ТК 25/РГ 5.
Фотографии од настанот