На 13 јули 2022 година, Општина Кисела Вода го објави Меѓународниот конурс за идејно решение за Расадник, прв Меѓународен конкурс во Македонија после 1965 година. На прес конференција беа соопштени сите детали околу конкурсот кој ќе биде отворен во наредните четири месеци.
Линкови до објавениот конкурс:
На настанот говореа и претставниците од трите стручни столба кои заедно со Општина Кисела Вода ја подготвуваа конкурсната документација, д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет; претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев, како и Михаел Димитровски, раководител на одделение за урбанизам и член на УО при Комората на овластени архитекти и инженери.
Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека покрај експертите, во процесот беа вклучени и граѓаните кои даваа свои забелешки и сугестии и кои имаат свои претставници и во Партиципативното тело. Истите се вклучени во финалниот документ кој беше креиран заедно со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
- Без да навлегувам детално во содржината, би сакал да издвојам дека нашите програмски насоки за овој дел од Кисела Вода предвидуваат постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина… Од учесниците ќе побараме квалитетно, современо архитектонско-урбанистичко решение коешто ќе ги задоволи потребите на различните групи корисници и воедно оптимално ќе го искористи капацитетот на локацијата. Се надеваме дека овој меѓународен конкурс ќе биде предизвик и можност за професионална надградба за стручњаците од оваа област, а обезбедената парична награда, како достоинствена валоризација на инженерскиот труд од страна на Општина Кисела Вода ќе биде само дополнителен поттик. За наградите во износ од 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2.000 евра, ќе одлучува 9-члена жири комисија. Во неа има и врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, како и претставници од домашната стручна јавност, но вклучени се и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода, кое беше формирано како дел од целкоупниот процес за кој денес говориме. Како што многупати досега кажав, јас, како градоначалник, нема да се мешам во одлуките и ќе ги почитувам решенијата кои ќе бидат одбрани, на тој начин обезбедувајќи целосна независност и валдност на процесот-наведе Ѓорѓиевски.
Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе започне процесот на евалуација кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година. После речиси 60 години, Кисела Вода е првата општина која се осмели да направи сериозен чекор напред и да ги следи меѓународните стандарди за урбанистичкото планирање, транспарентното работење и водење сметка за јавниот интерес. Градоначалникот Ѓорѓиевски упати повик за учество за учество до целата домашна и меѓународна експертска заедница.
Комората е вклучена во Меѓународниот архитектонско-урбанистички конкурс на Општина Кисела Вода со член во жири-комисијата која ќе ја има одговорната задача да ги евалуира пристигнатите конкурсни трудови.
Со цел да се одбере најдобар кандидат од редовите на членството, Комората во духот на конкурентна и транспарентна постапка објави интерен повик за избор член на жири-комисија за евалуација на конкурсните трудови на кој можеа да се пријават сите заинтересирани овластени архитекти и урбанисти. Пристигнатите пријави ги разгледуваше комисија составена од три члена, и тоа м-р Кристинка Радевски како претседател на комисијата и двајца членови проф. д-р Влатко Коробар и Михаел Димитровски дипл. инж. арх. Тричлената комисија по разгледување на пристигнатите пријави, едногласно одлучи дека пријавената Наташа Влчевска Савиќ дипл. инж. арх. ќе биде претставник на Комората во жири-комисијата на Меѓународниот архитектонско- урбанистички конкурс на Општина Кисела Вода.