На 1 ноември 2022 година, во просториите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, во организација на Одделението на инженери по геотехника беше спроведена активноста „Геотехнички денови во Комората", оваа година во форма на еднодневна обука/стручно предавање на тема „Стабилизација на косини и контрола на ерозија за одржлива геотехника".
Настанот со свое обраќање го отвори м-р Кристинка Радевски, претседател на Комората. Таа ја нагласи важноста за континуирана надградба на знаењата кај инженерите и ја потврди заложбата на Комората за поддршка на вакви собири.
Раководителот на Одделението на инженери по геотехника, проф. д-р Јосиф Јосифовски ги поздрави присутните, ја образложи целта на обуката и ги претстави предавачите проф. д-р Слободан Б. Мицковски и д-р Алехандро Г. Ољаури од Каледониан универзитетот во Глазгов, Катедра за градежништво и управување со животната средина, Шкотска, Обединето кралство.
Обуката беше организирана во три модули. Презентацијата насловена Природно-базирани методи за санација на еродирани косини, во првиот модул ја спроведе проф. д-р Слободан Б. Мицковски, во вториот модул д-р Алехандро Г. Ољаури зборуваше за ГИС алатка за предупредување на ерозија и плитки свлечишта и демонстрираше вежба со примена на ГИС алатки, додека во третиот модул проф. д-р Јосиф Јосифовски се осврна на Стабилизација на површинска ерозија кај косини со примена на полимерни средства и вегетација. По завршувањето на секој модул присутните инженери со поставување прашања имаа можност за дискусија со предавачите.
На обуката присуствуваа педесетина инженери, сите добија сертификати со 2 CPU бодови и имаа можност неформално да дискутираат со предавачите за време на пригодниот коктел.
Фотографии од обуката