Како резултат на долгогодишните напори и вложен труд на сите тела и органи на Комората на овластени архитекти и овластени инженери од основањето до денес, на 1 декември 2022 година во Службен весник на РСМ бр.259 е објавен Ценовникот за инженерски услуги - ценовник за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во област на високоградбата.
Преземи извадок од Службен весник на РСМ бр.259 од 01.12.2022 година
Со овој Ценовник се пропишува висината на минималниот надомест за извршените архитектонски и инженерски услуги од страна на овластените архитекти и овластените инженери, учесници во активностите, во обем предвиден со Законот за градење и подзаконските акти кои произлегуваат од него.
Ценовникот се однесува на услугите кои ги наплаќаат физичките и правните лица, регистрирани за вршење на дејности за архитектонски и инженерски услуги, како севкупен трошок за услугите на лиценцираниот правен субјект, а се засметува врз основа на просечна цена на изградба за m² и вкупна инвестициона градежна вредност како вредност на градежни, градежно-занатските, инсталатерски работи и опрема, согласно расположивите податоци од Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија.
Во надлежност на Управниот одбор на Комората е формирањето Комисија за спроведување на Ценовникот која ќе го надгледува неговото спроведување. Комисијата ќе биде задолжена да работи согласно постојните законски прописи и ингеренции, а по дадени упатства од Управниот одбор на Комората.