На 15.12.2022 година, во организација на канцеларијата на UNDP во Македонија, со поддршка на Владата, се одржа Бизнис форумот насловен „Можности и предизвици за развој на приватниот сектор во услови на криза“ во хотелот Холидеј Ин.
Настанот претставуваше можност за отворен дијалог помеѓу различни претставници од бизнис заедницата и клучните институции за бизнис поддршка во државата. Тие имаа можност да ги разменат своите ставови и мислења околу механизмите за ефикасна поддршка во државата, но исто така и да слушнат за најновите мерки со кои регионот се справува со тековната економска и енергетска криза.
Во рамките на Панел 2 сесијата на тема: „Технологија, иновации и стручна работна сила - Предуслов за закрепнување, развој на економијата и градење отпорност на кризи“ учествуваше м-р Кристинка Радевски, Претседателка на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Таа во своето излагање ја потенцираше важноста на дигитализацијата во градежната индустрија. Токму од таму произлегува една од клучните програмски активности на Комората за 2023 година, а тоа е оформување на БИМ секција во рамки на Комората со цел подготовка на БИМ план и стратегија. Примената на новите технолошко-информациски решенија е императив за подобрување на состојбата во градежниот сектор, а БИМ мандатот би требало да биде првиот чекор кон негова примена особено во реализација на објекти од значење за државата. Во таа насока Комората го фокусира своите активности на што поголем број на обуки за своите членови со предавачи од земјава и од странство, редовно соработува со компаниите кои ги поседуваат софтверските лиценци за БИМ алатки и обезбедува попусти за своите членови за користење и купување на лиценците за работа со нив, активно партиципира во работата на Техничкиот комитет ТК45 за БИМ - Информациско моделирање на градби во рамки на Институтот за стандардизација на РСМ и на крај, но најважно од сѐ е неодамнешното донесување на Ценовникот за инженерски услуги, документ кој ќе овозможи не само достојна валоризација на интелектуалниот инженерски труд, туку подобрување на финансиска состојба на поединците и компаниите за лесен преод од традиционално кон современото работење, активност која е неминовно поскапа и бара дополнителни трошоци.