Од 16 ноември 2022 до 10 февруари 2023 година во Културниот центар “Museo Italiano CO.AS.IT” во Мелбурн, Австралија се одвиваше изложбата “Immigrant Networks” (Емигрански врски). Изложбата ја отвори Д-р Мишел Лобо од Универзитетот Деакин.
Изложбата и книгата насловени “Immigrant Networks” (Емигрантски врски) претставува соработка на милтидисциплинарен тим на експерти, кои ја истражуваат трансформацијата на урбана и рурална Австралија како резултат на државните програми за изградба во повоениот период од 1945 до 1979 година. > Преземи книга “Immigrant Networks” (Емигрантски врски)
Изложбата е реализирана со поддршка на државното тело “Australia Research Council Discovery project, Architecture and Industry: The migrant contribution to nation-building, 1945-1979” (Архитектура и индустрија: Емигрантскиот придонес во развојот на нацијата, 1945-1979). Овој научен проект е составен од пет истражувачки трудови и е претставен преку визуелен медиум кој допира до пошироката јавност, и тоа:
Учесници и истражувачки трудови:
- Д-р Мирјана Лозановска, “Port Kembla Steelworks” – Универзитет Деакин
- Дејвид Бејнон (соработник професор), “Melbourne Suburbs” – Универзитет на Тасманија
- Анома Пиерис (професор), “Snowy Hydro” – Универзитет на Мелбурн
- Ендрју Санига (соработник професор), “Woomera” - Универзитет на Мелбурн
- Д-р Александра Делиос, “Migrant Camps” – Австралиски Национален Универзитет
Архитект Д-р Мирјана Лозановска, професор на архитектонскиот факултет при Универзитетот Деакин е еден од учесниците на изложбата со трудот на тема “Port Kembla Steelworks”. > Преземи кратка биографија на Д-р Мирјана Лозановска
Трудот, изложените фотографии и деталната физичка макета на објектот (фабриката за железо “BHP Steelworks” кој беше предмет на истражувањето на д-р Мирјана) пренесуваат во време кога емигрантската работна сила беше главен трансформатор на урбаниот и руралниот пејсаж во Австралија. Посебен осврт и тема на изложените објекти и наратив, се емигрантите како двигател и реализатор на модернизацијата на Австралија по Втората Светска војна.
Значаен дел од истражувањето и трудот на д-р Мирјана Лозановска содржеше обемна работа на терен со цел да се документираат огромните, сега празни ентериери на масивните објекти, кои сѐ уште дишат и вибрираат во синхронизација со работникот емигрант, кој помина дел од својот живот во тоа време во истите, во нехумани услови. Напнатоста се чувствува во изложените црно-бели фотографии. Ентериерот на фабриката е претставен во детал, во макетата која ја изработи тимот на д-р Мирјана Лозановска.
Овие објекти се наратор на еден посебно важен период во австралискиот урбан и рурален развој и сведочат за улогата на емигрантите како еден ог главните фактори во овој развој.
Драгана Јовановска, 2023