На 21 Март (четврток) 2024 година со почеток во 18:00 часот во „АудиоКултура“ во организација на BIG SEE се одржа дебата на тема „Трансформација на модернистичко архитектонско наследство“
BIG SEE претставува платформа чија главна цел е да ги забележи, разбуди и меѓусебно поврзе креативните и економските потенцијали на регионот на Југоисточна Европа, регион кој опфаќа 21 држава меѓу кои спаѓа и Македонија, за да се соочи со глобалните предизвици.
Модератор на дебатата беше Ана Бојаџиевска, BIG SEE координатор во Македонија, а воедно и студент по архитектура. Учесници на оваа дискусија беа проф. д-р Ана Ивановска Дескова, архитект и професор, Филип Јовановски, архитект и визуелен уметник, Мила Гавриловска, фотограф и студент по архитектура и Ирина Тошева, модна дизајнерка.
На дебатата присуствуваа и членови на Комората од одделението Архитектура, заедно со Раководителот г-ѓа Веселинка Герасимова Петровска.
Во продолжение абстракт од настанот:
„Објектите од постземјотресната обнова на Скопје после 1963 година, меѓу кои и извонредни примери кои претставуваат икони за тоа време, моментално се наоѓаат во различна состојба, поради недоволно и ненавремено одржување и атмосферските влијанија. На кои начини поединци активно учествуваат во оживувањето на објектите од модерната архитектура преку свои иницијативи и активизам, и какво влијание имаат врз свеста на јавноста за значењето на оваа архитектура?“
На овие прашања, кон крајот на минатиот месец разговаравме со лица кои активно се бават со темата на модернистичката архитектура и навлеговме длабоко во начините на трансформација на истата. Најголем предизвик е подигање на свеста и знаењето на јавноста и институциите на оваа тема, како и можноста да се делува на ревитализација, адаптација и воопшто одржување на објектите од модернистичкото наследство кое го имаме.
Заедно разговараа за важноста на препознавање на вредноста и значењето на оваа архитектура, вклучување на студентите во неформални активности преку интервенции во јавен простор и објекти кои спаѓаат на ова наследство, претворање на архитектурата во друг медиум како што се модни дизајни и парчиња, и моќта на фотографијата која е претставена на социјални мрежи и оналјн платформи да користи како алатка за документација и препознавање на модернистичкото архитектонско наследство. Состојбата на дел од објектите е лоша, а ненавременото одржување на истите, ќе доведе до губење на голем дел од наследството кое го имаме преку овие објекти.
Настанот беше од отворен карактер и големата заинтересираност ни покажа дека на градот му се потребни повеќе вакви дискусии и настани на теми кои не засегаат сите нас.
Во претстојниот период ни следи фестивалот Big Architecture во Љубљана, на 15 и 16 Мај, за кој ги повикуваме архитектите и дизајнерите со можноста за пријава на својот проект - изведен архитектонски објект или ентериер на нашата веб страна (bigsee.eu), а воедно и сите креативни особи кои сакаат да станат дел од нашата платформа.
Во продолжение фотографии од настанот.