На 19 јуни 2024 година со почеток во 18:00 часот во Комората на овластени архитекти и овластени инженери се одржа промоцијата на книгата „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ заедно со изложба на слики – оргинали кои се дел од приватната колекција на Влатко Милошевски.
На почетокот се обрати Претседателката на Комората г-ѓа Кристинка Чулак која ја изрази подготвеноста на Комората секогаш да изглегува во пресрет на вакви исклучителни културни настани, а истовремено да подржува колеги како авторот Влатко Милошевски, кој е електроинженер по вокација.
Потоа се обрати авторот кој потенцираше дека „ентузијамот е заразен“, и како плод на тој ентузијазам е создадена оваа вредна збирка од еден значаен историски период за нашата држава (1850-1950).
„Во Лексиконот се евидентирани околу 250 сликари во период од 100 години, што за цивилизацијата е многу интересен и од уметничка гледна точка. Во тој период уметничките стилови се менуваат од импресионизам, во кубизам, во експресионизам, па доаѓа модерна уметност. Од техничка гледна точка се открива телефонот, радиото, автомобилот, авионот. Од историска гледна точка за Македонија, тоа е извонредно значаен временски период – почнуваат нашите комити да се борат, па доаѓаат Балканските војни, па Првата светска војна, па Втората светска војна. Правиме една комбинација на историја и култура на едно место.“ изјави Влатко Милошевски.
Пред публиката се обратија и новинарите Зоран Андонов - коавтор на лексиконот и Тони Димков, кои го споделија својот значаен придонес кон ова остварување. Она што беше особено возбудливо е таксативното знаење за секое дело и историскиот контекст на авторот Милошевски, кое го сподели со бројната публика одејќи од оргинал до оргинал.
Во салата беа изложени педесетина оргинални уметнички дела.
Во продолжение фотогалерија од настанот: