На 2 Ноември 2024 година (сабота) со почеток од 10:30 часот во хотел „Цар Самуил“ – Банско во Струмица, се одржа Регионална средба на архитекти и инженери. На собирот беа поканети сите заинтересирани архитекти и инженери, активни членови на Комората од Југо-Источниот регион и пошироко. Регионалната средба со колегите се организира со цел да се приближи Комората до широкото членство, а со тоа и да се отвори можност за дебата помеѓу членството и раководството на Комората на теми кои ги засегаат архитектите и инженерите. Заложбата на Комората да го рашири местото на своето делување низ целата наша Република се гледа и преку интегралното организирање на Редовното Собрание на Комората на кое делегатите од целата држава имаа можност да заседаваат за првпат надвор од седиштето на Комората т.е. во Банско - Струмица. Главната тема од Собранието – „дигитализацијата на процесите“ консекутивно беше елаборирана и усвоена од делегатите за да биде презентирана и дискутирана на одржаната Регионалната средба. На почетокот на средбата во свечената сала на хотелот „Цар Самоил“ формални поздравни обраќања имаа Претседателката на Комората - г-ѓа Кристинка Чулак, Заменик градоначалничката на општина Струмица г-ѓа Елена Маѓеровска Паликарова и Заменик Министерката на Министерството за транспорт – г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири, која ја отвори средбата.
Во своето обраќање Претседателката Чулак по изразувањето на големата благодарност до високите гости и присутните колеги архитекти и инженери, кажа: „Напредокот на сите цивилизациски текови денес е нераскинливо врзан со дигитализација на процесите, процес кој веќе не е прашање на избор, туку услов за конкурентност и опстанок на пазарот на трудот. Затоа дигитализацијата е една од нашите клучни програмски активности и вчера, Собранието на Комората на својата собраниска седница, му даде мандат на Управниот Одбор да ја реализира идејата за воведување на квалификуван Коморски дигитален сертификат кој ќе биде персонализиран за секој член на Комората, практика во земјите од регионот, која веќе дава одлични резултати.“ Потоа во врска со тоа таа истакна дел од многубројните придобивки меѓу кои се и:
- минимизирање на нелегитимно работење на терен; намалување на нелојалната конкуренција и стеснување на полето на работа во сивата зона;
- надминување на состојбите со обновување на потписите на веќе поднесена документација во системите за одобренија која чека подолг рок за реализација;
- пристап на секој активен член до библиотеките и базата на податоци на Комората и за мене најважната - а тоа е
- првиот чекор пред воведување на е-градежен дневник и е-градежна книга кои нѐ носат чекор поблиску кон воведување на новите софтверски алатки на БИМ технологиите како мандат, па макар и само како предност при евалуација во постапките на јавна набавка.
Потоа се задржа на втората тема - Тарифникот за урбанистичко планирање и Ценовникот за минимални услуги за инженерските услуги во високоградба – за што кажа :„ Сигурна сум дека сите нѐ мачат истите прашања: -Кој е начинот и механизмите за контрола на нивната примена? Тука сакам да кажам дека на таа тема сериозно работиме повеќе од една година. До усвојување на нашето барање за интерполација на овој механизам во платформата е-одобрение за чие стопанисување е задолжена ЗЕЛС, механизам со кој ќе се обезбеди линеарна проверка дали за секоја инженерска активност е испочитуван Тарифникот, односно Ценовникот, во Комората паралелно веќе работи Комисија за постапување по пријави за непочитување на ценовниците.
Во своето обраќање Заменик градоначалничката на општина Струмица г-ѓа Елена Маѓеровска Паликарова ги пренесе поздравите од членовите на Советот на Општина на чело со градоначалникот г-дин Костадин Костадинов. Истовремено го претстави и силниот градежен развој на општината, нагласувајќи дека е невозможен таков подем без соработката со архитектите и инженерите - фела со која се негува вистинска соработка на заемно задоволство.
Како претставник на Министерството за транспорт и врски се обрати Заменик Министерката на Министерството за транспорт – г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири. Таа истакна дека соработка со Комората на овластени архитекти и инженери е на високо ниво и тоа го покажува заедничката заложба што во сите овие години наназад се реализира меѓу овие две институции. Во продолжение кажа “Тука сме да говориме за унапредување, за развој и за предизвиците на инженерската професија. И тоа е нашата мисија“.
Го изрази нејзиното видување дека градежниот сектор во нашата држава постепено се приклучува кон модерните трендови и го прифаќа информациското моделирање на градбите. На крај, пред да ја отвори средбата, Заменик Министерката како заклучок на своето обраќање, истакна: „Засега да се обидеме сегашните практики да ги унапредиме, заеднички да работиме на подобрување на легислативата, да го ставиме научниот кадар во функција на подигнување на капацитетот и квалитетот на дејноста и со еден ваков збир на заеднички мерки сите да имаме успех во дејноста.“
Потоа согласно агендата се одржа панел-дискусијата на темата: „Справување со инженерските предизвици, преку надградба и усогласување на Законската регулатива, во време на интензивна дигитални трансформации“, чиј модератор беше Претседавачот на Собранието на Комората, градежниот инженер г-дин Неџат Бајрами. На панелот активно учество зедоа и присутните архитекти и инженери и се отвори широка отворена дискусија за предизвиците во професијата на централно и регионално ниво.
По паузата се премина кон презентација на „Ценовникот за инженерски услуги за високоградба“ и „Тарифникот за урбанистичко планирање“.
Презентерите даваа јасни насоки на поставените прашања од публиката во врска со деталите на ценовникот. Притоа се доби општ впечаток дека сите забелешки, предлози и укажувања, многу ќе помогнат во подготовка и надградба не само на овие два важни документи, туку и генерално на целокупното работење во Комората. Комората ќе продолжи да работи во насока на вклучување на сите колеги од целата земја, отворено, транспарентно и низ широки дискусии. Истовремено со целосна посветеност ќе се реализираат активности кои директно ќе се однесуваат на заштитата на интересите на овластените архитекти и овластените инженери, подобрување на условите за работа во струката, со цел не само да се овозможи достојна валоризација на трудот на инженерот, туку да се намали одливот на наши кадри надвор во светот и да се минимизираат ефектите од трендот на преквалификација на инженерскиот кадар од сферата градежништво во ИТ секторот.
Во продолжение фотогалерија од средбата.