Комората на овластени архитекти и овластени инженери, традиционално од 2013 година, доделува четири годишни награди како израз на благодарност и почит за достигнувањата на своите членови. Наградите носат имиња по истакнатите стручњаци: проф. Борис Чипан, инженер архитект; проф. д-р Александар - Цане Ангелов, градежен инженер; проф. д-р Илија Черепналковски, машински инженер; и проф. д-р Станимир Јовановски, електро инженер.
Наградите имаат цел да ја поттикнат јавната афирмација на трајните вредности кои произлегуваат од делата и мислите на архитектите и инженерите, со цел промовирање на општествената улога на професијата и вреднување на нејзините достигнувања.
За номинација, кандидатите треба да бидат докажани и респектирани архитекти и инженери, активни членови на Комората во моментот на номинација, струково активни во својата област во тековната година на номинацијата и да достават три најзначајни инженерски достигнувања од последните пет години.
Повикот за номинации се испраќа електронски до активните членови на релевантните одделенија. Изборот ќе биде спроведен од телата на Комората, а наградите ќе бидат свечено доделени на годишната прослава што ќе се одржи на 21 декември 2024 година.