На 29 ноември 2024 година, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под мотото „Граници на архитектурата“, успешно се одржа првиот ден од Третата Годишна средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти, во Битола.
Средбата започна со топло добредојде од г-ѓа Кристинка Чулак, Претседател на Комората, која истакна дека „границите“ – било да се физички, културни, правни или еколошки – ја обликуваат архитектурата и ги инспирираат архитектите да создаваат хумани и функционални простори. Таа подвлече дека Комората преку отворена соработка со сите засегнати страни создава платформа за професионална извонредност. Истакнувајќи ги важните проекти на Комората, како што се воведувањето на персонализиран дигитален сертификат и изработката на Ценовник за валоризација на инженерскиот труд, таа ја нагласи можност на Комората за интернационално институционално дејствување преку новата потпретседателска позиција во Европскиот совет на инженерски комори, што претставува значаен чекор во меѓународното позиционирање на македонската инженерска заедница.
Градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, во своето обраќање нагласи дека архитектите играат клучна улога во материјализирањето на политичките визии и повика на задржување на креативноста во рамките на „границите на архитектурата“. На крајот, тој ѝ додели плакета на г-ѓа Чулак како знак на благодарност за нејзините достигнувања и придонес.
Средбата ја отвори Заменик министерката за транспорт, г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири, која истакна дека „границите“ треба да се гледаат не само како предизвици, туку и како можности за иновација и создавање решенија кои се функционални, естетски и одржливи.
Во рамките на програмата, свое видео обраќање имаше Претседателката на Советот на архитекти на Европа, г-ѓа Рут Шагеман, а почесниот гостин, заменик градоначалникот на Париз, г-дин Кристоф Најдовски, ја презентираше визијата за „позеленување“ на Париз. Неговата презентација опфати конкретни мерки за трансформација на градот, со фокус на создавање зелени урбани простори, давање приоритет на пешаците и користење јавен транспорт наместо автомобили. Г-дин Најдовски истакна дека овие мерки не само што го унапредуваат квалитетот на животот, туку и значително придонесуваат за намалување на загадувањето. Посебен акцент беше ставен на решавањето на комплексните предизвици при организирањето на Олимпијадата во Париз, каде што ефикасното управување со урбаната мобилност и одржливата инфраструктура беа од круцијално значење за успешното изведување на глобалниот настан.
Програмата вклучи и предавање од проф. д-р Ана Ивановска Дескова на тема „Утопија вон границите: Архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје“, по што беше отворена изложбата „Атлас на македонската модерна архитектура“.
По тематската комерцијална презентација од златниот спонзор Кнауф, публиката имаше можност да ги проследи стручните презентации од Газим Пачаризи од Швајцарија и Огнен Арсов и Ана Коси од Словенија.
Попладнето беше резервирано за панел-дискусијата „Граници на архитектурата“ која беше модерирана од Марта Илиевска, а во истата зедоа учество веќе претставените предавачи и тоа: Ана Ивановска Дескова, Газим Пачаризи, Огнен Арсов, Ана Коси, а им се приклучи архитект Мартин Пановски.
Денот заврши со посета на Музејот на христијанското и исламското наследство.
Фотогалерија
Настанот во медиумите