Денот на Комората се одржа на 21 Декември 2024 година каде што по 11 пат беа доделени четири награди од струките Архитектура и Урбанизам, Градежништво, Електротехника и Машинство.
Наградата од областа на градежништвото е насловена по еден од најистакнатите дејци во областа на проектирањето, изведбата и надзорот на конструкциите, а тоа е професорот д-р Александар - Цане Ангелов.
За време на свеченоста, професорката Мери Цветковска во улога на Раководител на одделението за градежништво на почетокот се осврна на значењето на личноста по која е именувана наградата со зборовите: „Проф. Александар Ангелов остави голем белег во градежништвото. Како професор несебично се залагаше, ги едуцираше студентите и беше омилен во академската фела. Како стручњак зад себе остави голем број реализирани проекти кои и денес опстојуваат, нѐ потсетуваат на својот автор и нѐ обврзуваат да работиме неуморно и да постигнеме колку што е можно повеќе во оваа област.“
Понатаму, професорката Цветковска присутните ги запозна со обемната стручна биографија на добитничката на наградата „Проф. д-р Александар - Цане Ангелов“ за 2024 година, а тоа е магистер градежен инженер Ивана Димитрова.
Во продолжение во целост ја пренесуваме биографијата на Ивана Димитрова преку говорот на проф. д-р Мари Цветковска пред присутната публика:
Ивана Димитрова дипломира на Градежниот факултет во Скопје во 2009 година и во 2018 ја брани својата магистерска работа „Изведба на вијадукти со современи оплатни системи“, со што се стекнува со звањето магистар по технички науки од областа на градежништвото.
Од 2010 година се вработува во Гранит А.Д Скопје како инженер за изведба на објект “Кривичен суд“ во Скопје. По завршување на конструкцијата во 2011 година е именувана за раководно лице за изведбата на катната гаража „Солунски конгрес“, објект чија изведба завршува во 2013 година.
Како вљубеник во спортот и жител на општината Аеродром на нејзино инсистирање е назначена за раководител на објектот „Спортски центар Јане Сандански“, особено што од својата 4-та година тренира во салата врз чии темели се изведува новиот спортски центар. Изведбата на овој проект е во 2013 и 2014 година.
Во 2014 година, со започнување на проектот „Автопат Кичево-Охрид“ за неа посебен предизвик се вијадуктите. Работи на изведба на повеќе вијадукти, и тоа како раководител, подоцна како координатор, но најголем предизвик и претставува изведбата на вијадуктите со конзолна методологија на изведба. Од 2017 до 2020 год. работи на изведба на вијадуктот на км 9+105, вијадукт со најголем среден распон од 165м, кој е изведен со конзолна методологија на градба, потоа на вијадуктот на км 6+860 и вијадуктот на км 10+770. Особен предизвик е тоа што Гранит со целосно сопствени ресурси се одлучува да работи на изведба на вакви вијадукти со специфична методологија на градба.
Од 2020 година Димитрова е ангажирана на изведба на Мост на река Вардар на булевар АСНОМ. што претставува двоен-коловозен патен мост. Изведен е со длабоко фундирање на крајните и средните столбови со колови чиј дијаметар изнесува 120cm.
Од 2022 до 2023 год. работи како координатор за бетонски работи на проектот за реконструкција и рехабилитација на патниот правец А2 Крива Паланка- Деве Баир. Одговорна е за мостот на км 3+600,605. Специфично за објектот е што претставува греден, патен мост, проектиран како кос мост со еден распон, и во однос на трасата на патот завзема агол од 50°. Согласно предвидената технологија на изведба, објектот е проектиран како полумонтажен.
Покрај новоизградените мостови како особено спрецифична работа која ја врши е санацијата и проширувањето на постоечките мостови кон Бугарија, каде без прекин на сообраќајот се изврши проширување на мостовите за уште една коловозна лента со нови темели, столбови, греди, плоча, додека на стариот дел на мостот се изврши зајакнување и санирање на постојните темели, столбови, греди и плоча.
Во 2024 година се префрла на изведба на надвозник на обиколката кај Тетово и овој објект треба да биде завршен до почетокот на 2025 година.
За своите достигнувања добива и Признание од ДГКМ за особено достигнување во градежното конструкторство во 2022 година за изведба на објектот „ Мост на бул. АСНОМ-втора фаза од ул Васко Карангелевски до ул. Индустриска 1“.
Добитниците од изминатите десет години на наградата „Проф. д-р Александар - Цане Ангелов“, можете да ги видете на следниот линк.
Во продолжение фотогалерија од настанот.