На 17 ноември 2025 година, во импресивниот амбиент на Словенската филхармонија во Љубљана, беше одбележан Денот на Инженерската комора на Словенија. Настанот собра бројни претставници на инженерската струка од Словенија и регионот и претставуваше можност да се истакнат најзначајните достигнувања во инженерството и да се потврди важноста на регионалната соработка меѓу инженерските комори.
Во рамки на програмата беа доделени престижни годишни награди, меѓу кои се издвојуваат Наградата за инженерска извонредност, која му беше доделена на овластениот инженер Матијаж Грилц, како и Признанието за заслужен член на Комората, доделено на овластениот инженер Горазд Хумар. Свеченоста беше збогатена и со прием на нови овластени инженери во членство на Инженерската комора на Словенија.
Истовремено, истиот ден беше одржан и работен состанок на претставници на Инженерската комора на Словенија, Инженерската комора на Србија, Хрватската комора на градежни инженери и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија на свеченоста ја претставуваше претседателот м-р Дејан Метикош. Од Инженерската комора на Србија присуствуваа претседателот Вељко Бојовиќ и членката на Управниот одбор Милица Негиќ. Од Инженерската комора на Словенија присуствуваа м-р Чртомир Ремец, претседател, Барбара Шкраба Флис, генерален секретар, Рената Гомбоц Подменик, раководител на јавни овластувања, и Дејан Пребил, советник за законодавство. Хрватската комора на инженери градежници ја претставуваше Нина Дражин Ловрец, која воедно е претседателка на Европскиот совет на инженерски комори.
Во конструктивна и пријателска атмосфера беа разгледани теми од стратешко значење за развојот на инженерската професија во регионот, вклучително унапредување на стручната и институционалната соработка меѓу коморите, размена на модели и практики за континуиран професионален развој, како и прашања поврзани со БИМ-технологиите и дигитализацијата. Прифатена е иницијативата наредната средба на Инженерската иницијатива за регионална соработка да се одржи на почетокот на следната година во Белград.
Учество на свеченоста и на работниот состанок претставува значаен чекор во понатамошно зајакнување на професионалните односи и развојот на регионалната соработка помеѓу инженерските комори.
Фотогалерија од настанот:






