На 23 и 24 април 2026 година во Брисел, Белгија, се одржаа ARCH-E конференцијата за архитектонски конкурси и Генералното собрание на Советот на архитекти на Европа (ACE), на кои учествуваа претставници на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Како претставници на Комората, на дводневниот настан присуствуваа Потпретседателката Веселинка Герасимова Петровска и Раководителот на Одделението на архитекти, Благојче Цветковски, со цел континуирано следење на активностите на ACE, остварување на средби и можности за вклучување во работните групи, како и приближување на членовите на Комората до европската архитектонска заедница.
ARCH-E конференцијата, одржана на 23 април во објектот „Royale Belge“, се фокусираше на улогата на архитектонските конкурси (ADC) во унапредување на архитектонскиот квалитет и иновациите, како и нивниот придонес кон развој на одржлива и висококвалитетна изградена средина. Настанот обедини архитекти, креатори на политики, јавни институции и претставници од градежниот сектор, кои разменија мислења и искуства за унапредување на конкурсните практики низ Европа.
Во рамки на конференцијата, беа отворени прашања за подобрување на регулативните рамки, зголемување на транспарентноста во јавните набавки и олеснување на пристапот до конкурси, особено за помалите архитектонски студија. Посебен акцент беше ставен и на улогата на архитектонските конкурси во поттикнување на одржливи и иновативни решенија во „постфосилната“ ера, во согласност со европските климатски цели.
По воведните обраќања, претседателот на ACE, г-дин Даниел Фугеншух, го најави архитектот Адам Карузо, кој го презентираше примерот на трансформација на објектот „Royale Belge“ во современ комплекс со мешана намена (Mix Brussels). Проектот, реализиран преку архитектонски конкурс, претставува успешен пример за адаптација и повторна употреба на постоечки објекти.
Конференцијата заврши со обраќање на европскиот комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, г-дин Глен Микалеф, кој ја истакна важноста на архитектонските конкурси во унапредување на одржливоста, инклузивноста и квалитетот на изградената средина.
На 24 април се одржа Генералното собрание на ACE, на кое учествуваа околу 80 делегати од цела Европа. Со Собранието претседаваше г-дин Даниел Фугеншух, а дискусиите беа насочени кон клучните политики кои влијаат на архитектонската професија.
Во рамки на Собранието беше презентирана и стратегијата на ACE за периодот 2025–2029 година, насочена кон поголемо признавање на вредноста на архитектурата преку ангажман, информирање, истражување и застапување на нејзиниот придонес кон квалитетот на живот.
Настаните во Брисел претставуваа значајна можност за размена на искуства, зајакнување на меѓународната соработка и активно вклучување на Комората во тековните европски процеси во областа на архитектурата.







