Одделението на машински инженери при Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија (КОАИ), на 5 јуни 2026 година, во уникатниот амбиент на винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци, ја организираше првата годишна средба „ДЕНОВИ НА МАШИНСКИ ИНЖЕНЕРИ 2026“. Овој настан ги постави темелите на една нова, значајна традиција, креирана ексклузивно за и во чест на машинските инженери членови на Комората.
На настанот присуствуваа околу 200 гости, меѓу кои најбројни беа членовите на КОАИ, претставници на академската заедница, локалната самоуправа, како и драги колеги и гости од регионалните комори на Црна Гора, Србија и Хрватска.
Оваа година настанот се одржа под мотото „Знаење како темел, реализација како цел“, со примарен фокус на континуираниот професионален развој на машинските инженери.
„Деновите на машински инженери“ се покажаа како клучна платформа за:
• Унапредување на стручните компетенции на членовите на Комората.
• Директно поврзување на инженерите од праксата со академската заедница и индустријата.
• Размена на искуства и поттикнување нови интердисциплинарни соработки.
Настанот беше отворен со поздравно обраќање на претседателот на Комората, Дејан Метикош, кој ја истакна важноста на континуираната едукација на инженерскиот кадар. Раководителот на Одделението на машински инженери, Катица Белческа Аризанкоска, им посака добредојде на присутните колеги и официјално ги прогласи за отворени Првите Денови на машински инженери 2026.
Своја поддршка за инженерската фела изразија и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, како и деканот на Машинскиот факултет при УКИМ, Скопје, проф. д-р Златко Петрески, кој го нагласи стратешкото значење на ваквите собири за стручното усовршување на машинските инженери.
Дека нашите инженери се дел од поширокото европско семејство потврди и посетата на претставниците од регионалните комори, кои се обратија во воведниот дел:
• Проф. д-р Дарко Бајиќ, претседател на Инженерската комора на Црна Гора,
• Дарко Сливар, претседател на Хрватската комора на машински инженери и
• Слободан Пејковиќ, претседател на секцијата на машински инженери на Инженерската комора на Србија.
Во текот на работниот дел, членовите на Комората имаа можност да проследат стручни предавања од врвни професори, засновани на реални проекти со директна примена во машинството:
• „Машинството во интердисциплинарни проекти“ - проф. д-р Виктор Гаврилоски (Машински факултет, УКИМ, Скопје).
• „Вештачката интелигенција и машинското учење во модерното применето машинство“ - проф. д-р Дарко Бабунски (Машински факултет, УКИМ, Скопје).
• „Практични решенија на термотехнички системи кај индустриски објекти“ - проф. д-р Владимир Мијаковски (Технички факултет, УКЛО, Битола).
• „Smart Learning Factory – Skopje“ –-проф. д-р Бојан Јовановски (Машински факултет, УКИМ, Скопје).
Со цел да се понуди сеопфатен преглед на пазарот, помеѓу стручните предавања беа вметнати и комерцијални презентации на спонзорите, кои ги презентираа најновите технолошки алатки и опрема достапни за нашите инженери.
Одделението на машински инженери при КОАИ продолжува посветено да работи на креирање вредност, заштита на професијата и обезбедување постојан напредок на своите членови. Се гледаме следната година!
Партнери и поддржувачи
Првото издание на „Денови на машински инженери 2026“ беше успешно реализирано благодарение на силниот синергетски однос помеѓу Комората и водечките компании во секторот:
• Платинест спонзор:
• Златни спонзори:
· Рехау
· Енекс
· Ваиллант
• Бронзени спонзори:
· Белимо
· Енерџи нет електрик / Мицубиши
· ЕСМ
• Останати поддржувачи:
· Тиквеш






