Локација: Сала на Комора ОАИ
Како издавач, Комората на овластени архитекти и инженери ве поканува на промоција на книгата „Хронологија на развојот на стандардизацијата, на регулативата за енергетска ефикасност, на едукацијата и на медиумската популаризација“, од д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх.
Д-р Петар Николовски повеќе од 50 години теоретски и практично се занимава со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и градежна физика. Докторската дисертација на тема „Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“ ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациска комисија во бугарската Академија на науки.
Во последниве 20-тина години д-р Николовски напишал 15 книги, од кои 3 се во издание на Комората (трилогија „Каталог на линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“ 2017, „Градежна физика – Основа за енергетска ефикасност на згради“ 2021 и „Современи системи за оптимална енергетска ефикасност на згради“ 2023).
Во книгата Хронологија на развојот на стандардизацијата, на регулативата за енергетска ефикасност, којашто е предмет на промоцијата, опфатен е периодот по осамостојувањето на Македонија, од 1992 година до денес. Во 11 глави, на 450 страници, презентирани се автентични оригинални документи, кореспонденција, фотографии и други графички прилози, селектирани од неговата богата приватна архива.
Тргнувајќи од премисата „кажаното се заборава, пишано останува трајно“, д-р Николовски прави „вивисекција“ на неговата успешна тридецениска соработка со плејада домашни и странски стручни поединци и инстититуции. Токму на оваа плејада колеги, авторот им ја посветува книгата, во знак на својата искрена благодарност кон сите нив.