×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 64
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.64

ЗЕЛЕНА ИДНИНА

Недостатокот на енергија и несигурноста во снабдувањето со енергија од една страна и загадувањето на животната средина и климатските промени предизвикани од прекумерната потрошувачка на енергија од друга страна, се два доминантни и тесно поврзани проблеми со кои се соочува денешниот свет. Научниците веќе години наназад алармираат дека со голема брзина се приближуваме кон точката од која нема враќање назад, односно точката во која загадувањето може да ја загрози или потполно да ја уништи способноста на нашата планета да се обновува.

Иако никој не може точно и прецизно да го предвиди текот на климатските промени во наредните децении, јасно е дека ризиците со кои ќе се соочиме доколку не го промениме нашиот курс, се огромни. Јасно е дека внимателното управување со предизвиците не значи дека треба да ја поистоветиме несигурноста со неактивноста. Иднината не изгледа ветувачка. Прашањето е кога ќе ни стане јасно дека климатските промени и проблемите од глобалното затоплување се неизбежни, а штетата по екосистемите и човечката заедница е непоправлива? До кога ќе „тестираме“ колку јаглерод диоксид може да исфрлиме во атмосферата пред да дојде до еколошка катастрофа?

Светот кој постои денес, преку ноќ може да се промени. Замислете свет за 10 степени потопол од овој денес.

Земјоделските региони кои постојат, можат за час да бидат избришани.

Пустини наместо шуми. Топлината не препознава географски граници.

Топлината не препознава ни вера, ни религија, ни политичка определба.

Како што вели поговорката, каменото доба не завршило затоа што луѓето останале без камења, туку затоа што луѓето одлучиле да направат промени и да применат подобри решенија. Е па и ние во ова модерно време може да продолжиме да тапкаме во место или да почнеме да правиме промени и да почнеме паметно да чекориме по патот на чистата енергија.

Енергетска ефикасност. Тоа е најдобриот начин да се обезбеди сигурна и одржлива енергија, достапна за сите.

Анализите покажуваат дека во 2016 година светот ќе потрошел 12 проценти повеќе енергија доколку не биле воведени барањата за подобрување на енергетската ефикасност од 2001 година. Ова е еквивалент на додавање на уште една Европска Унија на глобалниот енергетски пазар. Јасно е дека енергетската ефикасност може да направи голема разлика и никогаш нема подобро време да почнеме да размислуваме за тоа, но и да почнеме да дејствуваме. Имаме доволно развиени технологии за да направиме многу повеќе со многу помалку ресурси, уште од денес.

За земја со ограничени енергетски ресурси како што е нашата, енергетската ефикасност може да биде наш најголем сојузник во борбата за „подобро утре“.

Она што треба да го направиме е навистина да ги подобриме стандардите за енергетска ефикасност, да развиеме систем за користење на обновливи извори на енергија и да го користиме единствениот ресурс што го имаме во изобилство, нашата креативност.

За жал, кај нас сe уште енергетската ефикасност не е дел од свеста на граѓаните и не се применува многу (да не речам воопшто), па не можеме да се пофалиме со некој позначаен исчекор на ова поле. Како и во многу други области, така и тука, тапкаме во место.

Три напред, три назад. Чекаме на други.

Талкаме во лавиринт од донесени, изменети, дополнети или недонесени законски и подзаконски акти бидејќи ако нема закон, не мора да внимаваме на енергетската ефикасност. Без строги закони не мора разумно да дејствуваме.

Попрво со месеци ќе дискутираме и анализираме како и за колку да се зголемат пензиите, отколку да се преслушаме до каде сме со енергетско-ефикасните згради, на пример.

Да се надеваме дека некогаш ќе успееме да ги предизвикаме носителите на одлуки да ја стават

енергетската ефикасност на прво место. Да размислуваат холистички! Да размислуваат долгорочно бидејќи влогот е навистина голем за сите нас. Иднината или ќе биде зелена или воопшто нема да ја биде!

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“