×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 67
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.67

ТРАГЕДИЈА ОД 59 ЖИВОТИ: КОГА ОДГОВОРНОСТА СЕ ЗАНЕМАРУВА, БОЛКАТА ОСТАНУВА.

Пожарот што изби во т.н. дискотека во Кочани беше трагичен настан кој ја потресе целата заедница.
За жал, трагичниот настан не се случи случајно. Иако пожарот како природна сила може да биде непредвидлив, сепак безбедносните системи кои треба да ги спречат неговите катастрофални последици се контролирани од нас — луѓето.
Трагичниот настан е последица на многу фатални пропусти, и индивидуални, и системски.
Последица на неодговорност, на ненадлежност, на компромиси со безбедноста, на недостаток на контролa, на недоволно строго следење на правилата, на незнаење, на летаргијата во која живееме, на нашата заспана колективна свест...
Затоа, бројните жртви кои го одбележаа ова несреќно случување и големиот број на повредени поттикнаа многу прашања околу безбедноста на објектите и одговорноста на сите вклучени страни.
Прашања на кои, за жал, тешко е да се одговори.
Одговорноста за трагедија како оваа не е само кај едно лице или кај една институција. Одговорноста е колективна — од инженерите кои ги проектираат безбедносните аспекти на објектите до инспекциите кои треба да ги контролираат тие проекти, до системот кој треба да регулира и санкционира, па сè до политиката која ја поставува рамката на дозволеното. И се разбира, одговорноста е кај сите нас како граѓани кои не бараат доволно и не притискаат сплотено за промени кога тоа е неопходно.
Кога безбедноста не е на прво место, кога одговорноста станува опција, а не обврска, кога инспекциите се само формалност без суштина, тогаш последиците се катастрофални.
Затоа, овој трагичен настан не е само потсетник за човечката кршливост, туку и аларм за будење на нашата одговорност, свест и совест во процесот на создавање на објекти што треба да бидат сигурни и безбедни. И ако сега не се разбудиме, ќе продолжиме да плаќаме со сè што ни е најдрагоцено.

Ова е време кога треба да се запрашаме:
Како дозволивме вакво нешто да се случи?
Дали сме доволно свесни за важноста на безбедноста во процесот на проектирање, изградба и одржување на објектите?
Како можеме да загубиме 59 животи и да не научиме дека градењето на објекти не е нешто што смее да се компромитира?
Какво општество сме ние ако немаме одговорност за она што го градиме и создаваме?

И додека жалиме по животите кои засекогаш се изгубија во пламените на пожарот, важно е да се запрашаме:
Колку вреди човечкиот живот во нашиот систем?

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“