
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМОРАТА
М-Р ДЕЈАН МЕТИКОШ, дипл.град.инж.
Мандат: 2025 - 2029
М-р Дејан Метикош е дипломиран градежен инженер, насока Патишта и железници, на Градежниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистер по технички науки од областа на градежништвото на истата насока. Со ова образование Метикош поседува продлабочено знаење за планирање, проектирање и развој на патна и железничка инфраструктура, што претставува основа на неговото понатамошно професионално ангажирање.
Неговиот академски и професионален профил е надграден со повеќе специјализирани програми и обуки од областа на проектен менаџмент, управување со инженерски организации и развој на лидерски вештини. Овој континуиран професионален развој придонесува за неговата способност да управува со сложени инфраструктурни проекти и да координира мултидисциплинарни тимови во национални и регионални проекти од стратешко значење.
Професионалната кариера на Метикош беше тесно поврзана со Градежен институт „Македонија“ А.Д. – Скопје, каде што од 2007 година извршуваше различни стручни и раководни функции и ја извршуваше функцијата директор за продажба. Претходно беше ангажиран и во консултантско-инженеринг компанија, што придонесе за неговото темелно познавање на секторот. Како главен и одговорен проектант, координатор и проектант учествувал во изработка на клучни проекти од патната и железничката инфраструктура: автопатски делници, брзи сообраќајници, градски булевари и обиколници, рехабилитација на државни и регионални патишта, како и во проекти поврзани со развојот на железничката мрежа.
Покрај формалното образование, Метикош поседува одлично познавање на странски јазици и напредни вештини за работа со современ софтвер за дизајн и управување со инфраструктурни проекти.
Како претседател на Комората, м-р Дејан Метикош се залага за зајакнување на улогата на инженерската и архитектонската професија во општеството, унапредување на стручните стандарди и етичките принципи, поддршка на континуираниот професионален развој на членовите, како и активно учество на Комората во креирањето на политики поврзани со планирањето, проектирањето и изградбата на инфраструктурата во Република Северна Македонија. Неговата визија е Комората да биде поактивна, поотворена и посилна институција – столб на стручност, интегритет и напредок – со модернизирани акти и процедури, поголема транспарентност, дигитализација на услугите и јасни механизми за заштита на правата и достоинството на архитектите и инженерите. Тој се стреми кон функционален систем на ценовници за инженерски услуги, развиен план за континуирано стручно усовршување, поинтензивна меѓународна и проектна соработка и подобрен јавен имиџ на Комората преку активна комуникација со членството, државните институции, бизнис заедницата и пошироката јавност.











